Тридневната лондонска машка модна недела миксајќи ги класичните линии, авангардните кроеви и експериментирајќи со дизајнот, прогнозираше за машките модни трендови за идната пролетно-летна сезона.
Сите нијанси на розово
Иако розовата не е типична „машка“ боја, дизајнерите оваа година како да претендираа да го докажат спротивното, односно дека во модниот универзум не постои машко-женски свет. Па така оваa боја во сите нејзини нијанси во различни варијанти беше застапена кај повеќето пролетни колекции. Во новите линии на Topman Design и YMC, розовата суптилно се прелеваше во пудрести нијанси, додека кај Hackett и Burberry на пример, видовме похрабри и интензивни тонови.
Издолжени силуети
Во основа, издолжените силуети во варијанта на наметки до глуждот или палта со средна должина до над колената ќе бидат често застапени особено во урбаната улична мода, доколку се водиме според прикажаното на Лондонската модна недела за мажи. Во колекцијата на J.W Anderson лежерните палта со едноредно закопчување се со отворен V израз и со должина до колена, а една друга минималистичка варијанта со геометриски принтови ни прикажа Александар Меквин.
Метал во полн сјај
Металик трендот кој особено оваа сезона е актуелен во женската модна сфера како и кај аксесоарите, следната сезона ќе „сјае“ и во машкиот гардеробер. Сепак ова е тренд со чија примена мора да се внимава бидејќи границата меѓу допадливото и кичот е прашање на нијанси. На актуелната модна недела во Лондон, металик боите беа инкорпорирани во линиите на Common, Xander Zhou, Nasir Mazhar и Richard Nicoll.
Бомбер јакни
Хитот од оваа сезона останува актуелен и идната. Бомбер јакните во мал милион варијанти ќе се носат и следното лето. Од Александар Меквин направија токму една таква модификација на принтана „бајкерска“ верзија.
Шахвoски принт
Различна интерпретација на шаховскиот принт видовме во колекциите на Hackett и Olivier Spencer кои го користеле во широки димензии аплицирани на спортските јакни. Во спротивна варијанта, односно ситен шаховски принт доминираше во колекцијата на Richard Nicoll.