Доколку размислувате за промена на вашата фризура, но сте во потрага по опција која е лесна за одржување, не бара голем напор и нема комплетно да го промени вашиот изглед, шишките се можеби правилниот избор за вас. Шишките имаат „супер моќ" да му дадат младешки изглед на речиси секое лице, па затоа и никогаш не излегуваат од мода.
Но, пред да се одлучите за должината на вашите шишки, важно е да се следат одредени естетски наоски со цел да ја најдете совршената должина и форма која најдобро ќе прилега на обликот на вашето лице.
Должината најчесто зависи од тоа кои карактеристики сакате да ги истакнете, а кои да ги скриете. Доколку имате тркалезно лице или лице во облик на срце, кратки шишки исечени малку над веѓите ќе ви помогнат да го издолжите лицето. Оние со овални или подолги лица пак, можат да ги исечат шишките во линија со веѓите или малку пониско.
Сепак, тоа не значи дека овие „правила" не можат да бидат заобиколени. Главната идеја е да пронајдете фризура која ќе ви помогне да се чувствувате најдобро кога ќе се погледнете в огледало. Доколку сакате кратки и густи шишки како оние на популарната пејачка Констракта која ја претстави Србија на овогодинешното издание на Евровизија, не се откажувајте од таа идеја. Констракта е одличен пример дека и овални лица можат да изгледаат одлично со кратки шишки.
Покрај Констракта, кратките шишки ги актуелизираа и број други познати лица од светската музичка и филмска сцена, а ова се само неколку примери за тоа како кратките шишки стојат на различни форми на лица и боја на кожа.
Бонус совет: Како да ги одржувате кратките шишки?
Убавината во шишките е во тоа што се лесни за одржување во домашни услови. Единствено што ви е потребно се квалитетни ножици, огледало и добро осветлување. Кратките шишки се во тренд, па нема да згрешите дури и ако отидете малку повеќе над веѓите. Главниот трик се состои во тоа да ги одржувате рамни. Доколку имате виткана или брановита коса, не дозволувајте да ви се исушат природно. Користете фен и рамна четка за коса, а во зависност од текстурата на вашата коса, можете да користите и преса за коса.