Трикови од вашата кујна за бујна и здрава коса

18 ноември 2013

Постојано трошите пари на скапи препарати со кои ја негувате вашата коса и повторно ги немате посакуваните резултати? Ние ви ги носиме најдобрите совети за тоа како самите да си направите совршено ефикасен препарат со кој ќе ја негувате вашата коса и истата ќе изгледа поздраво од кога и да е.

Сите потребни состојки ги имате во вашата кујна, па она што ви е потребно е само малку одвоено време и секако навика за редовно нанесување на истите.

Шампон од јајца

Вратете ја свежината и мекоста на вашата коса со овој природен шампон од јајца. Истиот ќе ви помогне да си го вратите сјајот и да ги обновите оштетените врвови од вашата коса.

Изматете две јајца, а потоа измешајте и три лажици сода бикарбона, две лажици маслиново масло и две лажици сок од лимон. Добро промешајте додека не добиете еднаква смеса. Истата добро нанесете ја на вашата коса, измасирајте и потоа добро исплакнете ја.

Ѓумбир за брзо растење на косата

Ѓумбирот ја оживува косата на начин на кој ниту еден производ не може. Доколку имате проблеми со растот на вашата коса, тогаш ова е вистинскиот лек за вас. Ѓумбирот во прав измешајте го со четвртина шолја чај од камилица. Добиениот сок помешајте го со иста количина масло од орев. Ваквата смеса што ја направивте, добро нанесете ја на косата и оставете ја да стои десет минути. Веднаш после тоа, добро исплакнете ја косата. Ако сакате косата да ви изгледа блескаво и што побрзо да ви порасне, овој третман применете го два пати неделно.

Маслиново масло за мазна коса

Кај девојките со долга коса најчесто се случува прамените да се двојат еден од друг и секој да си тера своја приказна. Маслиново масло ја прави косата навистина мазна и мека и истата воопшто не се разлетува. Загрејте половина шолја маслиново масло и нанесете го на целата коса и добро масирајте. Најмногу масло ставете на долните делови од прамените и замотајте ја косата во фолија. По 30 минути, добро исплакнете ја косата.

Мед и оцет за волумен

Медот и оцетот го зајакнуваат коренот на вашата коса и и даваат неверојатен волумен. Иако сега си рековте дека баш и не го обожувате мирисор на оцетот, издржете и верувајте во неверојатните ефекти од нанесувањето на истиот. Една лажица мед и една оцет, ставете во половина чаша млака вода, добро промешајте и ставете ја во шишенце со распрснувач. Откако ќе ја измиете косата, исушете ја само со пешкир, па попрскајте ја со оваа смеса и измасирајте во косата за подобро да впие.

* Трик плус...

Ако имате бујна коса и сакате да ја скротите, не морате да користите различни гелови за обликување на косата кои можат да предизвикаат првут. Идеалното решение за вас е пивото, кое на вашата коса ќе делува како гел, а при тоа и ќе ја негува, бидејќи ги содржи сите потребни, хранливи материи. Косата измијте ја со шампон и исплакнете ја, па на мокра коса ставете малку пиво што не треба да го плакнете. Воопшто не грижете се, миризбата воопшто и да не се чувствува.

Објавено:
18 ноември 2013
Категорија: 
Убавина