Убавина и по цена на здравјето: Какви болки трпат жените само за да бидат убави?

1 ноември 2013

Многу третмани за убавина можат да бидат болни, но познато е дека жените секогаш сакаат да изгледаат убаво и прават големи жртви поради тоа.

Она што е помалку познато е тоа дека некои третмани за убавина, покрај тоа што се болни, можат да предизвикаат и здравствени проблеми.

Депилација на бикини зоната

Депилацијата на женската интимна зона со себе носи големи ризици по здравјето. Њу Џерси во 2009 година за малку целосно ќе ја забранеше бразилската депилација, откако две жени завршија во болница со тешки последици.

Постои можност при ваквиот вид на депилација, кожата да се воспали, а со целосно остранување на влакната се зголемува и ризикот од бактериски, вирусни и габични инфекции. По депилацијата, кожата некое време е оштетена и изложена на надворешните фактори. Покрај тоа, внатрешните влакненца се најчести во овој дел на телото. Токму затоа, веднаш по депилацијата нежно исчистете ја кожата во депилираната зона и ако внатрешните влакненца изгледаат како да се воспалени, веднаш посоветувајте се со доктор.

Педикир

Нехигиенски извршениот педикир може да доведе до најразлични вирусни и бактериски инфекции поради сраснат нокот или пак груб третман од страна на козметичарот. Од нехигиенскиот педикир, може да дојде и до габични инфекции на кожата и ноктите на нозете. За да бидете сосема сигурни во третманот, со себе понесете си сопствен прибор за истиот.

Депилација на веѓи

Честите депилации на веѓите можат трајно да ги оштетат фоликулите на влакната, па истите по некое време ќе престанат да растат. Покрај тоа, може да настане и некоја незгода со восокот, а исто така може да биде и оштетен некој дел од кожата околу веѓите. Обидете се барем една недела пред депилирањето на веѓите да не нанесувате крема на овој дел од лицето и секогаш бидете сигурни дека ве депилира вистински експерт за тоа.

Маникир

Маникирот носи многу опасности со себе: можете да добиете габични и бактериски инфекции, а ноктите можат трајно да ви се оштетат. Запомнете дека секогаш треба да одите во еден ист салон за убавина каде што еден ист козметичар ќе ви прави маникир. Кога ќе влезете во салонот, добро проверете дали се е кристално чисто и за секој случај, како и кај педикирот, и тука понесете си сопствен прибор.

Третмани на лицето

Третманите на лицето што ги извршуваат нестручни лица можат да предизвикаат сериозни проблеми, како што се различните инфекции и воспаление на кожата. За да бидете сигурни, во салонот прашајте дали личноста која ќе работи со вас поседува сертификат за тоа, а доколку козметичарот користи некој електронски или хемиски третман, прашајте го дали претходно има искуство со она што го предлага.

Солариум

Она што е познато е дека солариумот не е здрав. Лицата кои одат во солариум имаат 55 отсто повеќе шанси да развијат малиген меланом, а под уште поголем ризик од заболување од рак на кожата се лицата со светла кожа или оние кои во семејството имаат некој кој боледувал од оваа болест.

Објавено:
1 ноември 2013
Категорија: 
Убавина