Второ издание на Health, Fitness & Wellness Expo е закажно за септември

23 август 2016

Од 23-25 септември, во хотел „Александар Палас“, по втор пат ќе се одржи најголемиот интерактивен настан за здрав животен стил.

И оваа година публиката ќе има можност на едно место да се информира за најновите типови на програми за вежбање, да дегустира и подготвува вкусна, здрава и органска храна, да испроба голем број на спортски и фитнес активности, да проба разни третмани, масажи, природна органска козметика, суплементација, како и да добие совети за подобро здравје од врвни специјалисти и при тоа - максимално да се забавува.

Над 50 учесници од областа на здравјето, фитнесот и велнесот на посетителите ќе им понудат разни промоции, дегустации, наградни игри и многу други изненадувања, како и богата интерактивна и едукативна програма со преку 30 работилници, тренинзи, настапи и предавања. Оваа година настанот е збогатен и со Kids Corner, катче специјално наменето за најмладите, каде секојдневно ќе има петчасовна програма со разни работилници, како за подобрување на моторичките вештини, така и за поттикнување на здрави навики од најмлада возраст, но и разни едукативни активности.

Секогаш во чекор со светските трендови и новитети, за прв пат во Македонија ќе имаме прилика овозможена од „Спорт Инн“ центарот, да видиме што е Slackline.

Настанот ќе го отвори Карлос Мерајо Гарсија, кој е трократен првак на Шпанија во slackline и е рангиран во топ 10те во Светот.

Големото отворање е закажано на 23.09.2016 од 17:30 часот во хотел „Александар Палас“,  каде присутните ќе имаат единствена можност во живо да се дружат со Карлос Мерајо Гарсија и да пробаат Slackline!

„Водени од идејата дека здравиот животен стил не познава граници, го креиравме овој настан со цел да понудиме квалитетна содржина и да ги анимираме од најмладите до највозрасните посетители, без разлика дали професионалци или рекреативци и ентузијасти, настанот е наменет буквално секој кој се води по мотото "во здраво тело - здрав дух" и се грижи за своето здравје и благосостојба“, велат организаторите во соопштението за јавност.

До тогаш, ве потсетуваме на атмосферата од минатогодишното, прво издание на саемот

Објавено:
23 август 2016
Категорија: 
Убавина
Прочитано:
114 пати