„Духот на стариот Холивуд“ во новите венчаници на Џени Пекам

22 мај 2014

Британската модна дизајнерка Џени Пекам ја презентираше најновата пролетна колекција на венчаници за 2015 година. Ако свадбената модна приказна на оваа дизајнерка за минатата сезона ни ги откри тајните на едно убаво време, „Belle Époque“, модниот израз на новата колекција го открива безвременскиот гламур. Инспирацијата за креирањето на овие венчаници е земена од фотографии кои датираат од 1930-та година. Имено, британската фотографка Мадам Јевонди, има направено стилизирани слики на митолошки хероини како што се Елена од Троја, божицата Венера и други, што ќе и послужат на Пекам во дизајнирање на романтични венчаници кои во себе го кријат гламурот на 20-тите и 30-тите години.

Новата колекција за 2015 година на Џени Пекам изобилува со едноставни кроеви на тоалети кои генерално ја следат силуетата на телото и слободно паѓаат по должината на телото, елегантни наметки со рачни везови од светкави кристални камчиња со кружни и V-изрази на деколтето, без никаква употреба на корсети. Од палетата на бои, Пекам се одлучила за пастелните сини и сиви нијанси кои постигнуваат ефект на рефлексија поради сјајните материјали. Романтичните бајковити форми, скапоцени кристали и слоевити парчиња шифон се главната карактеристика на пастелно сините и сиви венчаници. Белата боја во креациите на британска дизајнерка не е во фокусот на вниманието. Има само неколку модели венчаници кои се во нијанса на слонова коска, имаат паднати ракави и апликации на блескави камења потсетувајќи во кројот на моделите со ориентален стил. Пекам во својата колекција презентираше само една тоалета во темно розова боја, чија линија е мошне едноставна и елегантна во А-крој со паднати рамена, впечатливо деколте и без додавање на никакви везени апликации.

Венчаниците изобилуваат со впечатливи апликации, везови и дезени на луксузни камчиња, позиционирани на струкот, рамената, деколтето или дискретно по должината на тоалетите. Интересно е што волуменозното здолниште е тотално изоставено, а она што беше најавено како тренд за наредната сезона за венчаници наметките, болерата и паднатите ракави се максимално искористени во дизајнот. Арт-деко стилот, кој потсетува на духот на стариот Холивуд е присутен и модернизиран кај неколку модели и изгледа неверојатно софистицирано.

За да означи чекор напред во модната индустрија, Пекам шоуто го отвори со plus-size модел кој носеше plus-size- венчаница, потврдувајќи дека невестите се убави без разлика на нивната големина. Во продолжение погледнете ја галеријата и одберете ја вашата омилена.

 

 

 

 

 

Објавено:
22 мај 2014
Категорија: 
Бела соба