Пролетни венчаници за бремени и невести со облини

16 април 2014

Инспирирана од митолошките хероини и 30-тите години од минатиот век, дизајнерката Џени Пекам ја презентираше нејзината најнова колекција венчаници за пролет-2015 година. Не секоја невеста според телесната конституција има можност да облече венчаница во сирена крој или пак таква  што ја нагласува силуетата. Дел од невестите токму за својот голем ден се во блажена состојба од која зависи и моделот на венчаница што ќе го изберат. Но, секогаш постои соодветна варијанта за тоа како да заблескате на вашата венчавка во вистинскиот невестински фустан. Дизајнерката Пекам водена по потребите на невестите, за најновата колекција се насочува токму кон оваа категорија на девојки и жени што се во дилема за тоа каква венчаница треба да носат во сразмер со нивните килограми и конституции. Спојот  на гламур, ретро  вибрациите како и кабаретскиот стил  на писта резултираше со модели на венчаници што потсетуваат на некое постаро време, но модернистички имплементирани во сегашноста на денешните невести.

Колекцијата најмногу е сочинета од венчаници во А крој, како и оние во едноставни прави и чисти линии. Како и за оваа тековна пролетна сезона, така и за наредната пролет трендовите за венчаници се насочени кон едноставноста од која најмногу се акцентира на специфичните детали и апликации во пределот кај градите. Тантелата како материјал е неизбежна текстура за романтичен изглед, а дизајнерката овој пат најмногу ја  употребува кај наметките и ракавите на дел од моделите. Не се исклучени ниту кратките, миди и венчаниците во боја за оние похрабри невести што сакаат да бидат поразлични.

 

Објавено:
16 април 2014
Категорија: 
Бела соба