Празникот на љубовта и виното вчеравечер некои одлучија да го прослават во пријатниот амбиент на Музејот на македонската борба за самостојност и државност, каде се одржаа шест модни шоуа под насловот „The bridal fashion night“, кој всушност беше деби настан во организација на Моден Викенд Скопје.
Вечерта беше исполнета со претставувањето на венчаници и вечерни тоалети од Студио Ziane, MCouture by Mila Kadriu, Al Aparel, Emili Exclusive Design, Ателје Zana и бутикот за венчаници Bianka, па присутните идни невести имаа можност да видат што се нуди на македонскиот пазар и да го пронајдат својот фаворит.
Во богати, раскошни и бајковити невестински фустани од колекцијата „Дваесеттите пролетти“ на „Студио Зиане“ зачекорија и првите невести. Од кратки, сирена и А-крој, преку богати детали како штрас и камења, венчаници-панталони, како и многу аплицирани цветови и необичен транспарентен пеплум, од 11-те креации беше презентиран гламур за сечиј вкус. Инаку, „Зиане“ оваа година одбележува 20 години постоење, а по десет години се враќа на модните писти.
-Постоиме повеќе од 20 години и сметам дека праксата го прави своето. Се трудиме да се разликуваме од другите, особено по материјалите. Повторно ќе нагласам, се работи за долгогодишно искуство, што носи и истенчување на вкусот. Најголем број од материјалите се природни свили, а кристалите се оригинали. Последната ревија ми беше во 2004 година, па после долга пауза настапив затоа што славам јубилеј, па затоа колекцијата ја насловив и „20-те пролети“, а денеска славам и бидејќи е роденден на син ми - изјави сопственичката Зиане.
Презентацијата на ателјето „Ал Апарел“ почна со свечена црвена макси тоалета, за потоа од колекцијата насловена „Faith“ да бидат прикажани мал дел на едноставни венчаници со широки транспарентни долги ракави. Покрај свечените тоалети кои ги следеа актуелните трендови , венчалните фустани беа во ретро стил и потсетуваа на оние од 18-от век.
-Како што е и насловена колекцијата, се водев според внатрешните чувства кои ме наведоа кон отсликување на нежната и невина страна кај невестите. Во однос на материјалите најмногу употребив жоржет, тантела и свила, а и овој пат отстапивме од волуменозните внечаници, зашто пред се мојот сензибилитет ги сака оние лелеавите и поедноставните. Во последно време нашите клиенти ги сакаат токму таквите фустани, но ова што го видовте вечерва, беше само мал дел од колекцијата, за наскоро преку фотосесија да бидат претставени и останатите креации - изјави креаторката Наташа.
На третата ревија, манекенките носеа шест венчаници и четири свечени тоалети на „Емили ексклузив дизајн“ од Струмица. И ова мини модно шоу го отвори свечена макси тоалети со тропски, егозтични принтови, за веднаш потоа да видиме широк спектар на волуменозни и слоевити венчаници, за кои сопственичката вели дека се едни од најбараните во нејзиното студио. Застапени беа и кринолините, А-кројот, многу светкави елементи како камења и циркони, а исто така, беа вметнати и ружи во различни димензии.
-Претставивме 10 креации односно многу мал дел од она што е изложено во нашиот салон во Струмица. Понудивме различни стилови на венчаници од кои веруваме се препознаа идните невести. Од раскошно до нежно, елегантно и сексапилно. Дефинитивно кај нас најмногу се бараат белите венчаници со многу детали, масивни камења и бајковити модели. Освен венчаниците презентиравме уште неколку модели на свечени тоалети за исто такви настани како венчавки, матурски и слични прослави - вели сопственичката на „Емили Ексклузив Дизајн“, Емили Пишева.
Модната вечер продолжи со претставувањето и на ателјето за венчаници „Жана“, кое се претстави со романтични фустани во шампањ и праска боја, но не беше искучена и традиционалната бела, изработени од индиско ламе и лакиран брокат.
- Овој пат црпевме инспирација од самите невести, нивната убавина и замислата за тоа како треба да изгледаат. Во однос на материјалите се одлучивме овој пат малку да експериментираме. Користевме лакирана свила, лакиран брокат од кој мислам дека се уште не е направена венчаница во Македонија и за првпат индиско ламе. Останатите материјали како свила, тантела сме ги користеле и до сега. Со оглед на тоа што ова е прва година да се организира ваква манифестација задоволна сум од она што беше прикажано. Се надевам дека следната година ќе има уште повеќе учесници, кои што ќе ја презентираат својата работа и ќе покажат што умеат, а јас размислувам да се претставам и на модниот викенд што ќе се одржи во април - изјави сопственичката Жана.
Претпоследната ревија беше резервирана за бутикот за венчаници „Бианка“ кој пред публиката се претстави со несекојдневни модели на венчаници изработени од тантела, многу слоевитост, текстура и колорит. Разликата кај ова модно претставување беше употребата на впечатливи бои кај венчаниците, како црвената, пастелно розова, украсени со пердуви и бисери.
Сопственичката на бутикот вели дека побарувањата на невестите се различни.
-Се претставивме само со неколку модели, а кон крајот на годината планираме поголема ревија, зашто тогаш славиме 20 години од нашето постоење. Во однос на венчаниците што ги видовте вечерва најмногу беа изработени од тул, сатен, свила, тантела, а во однос на кроевите сакавме да понудиме различни за секакви вкусови. Невестите имаат различни барања, но долгите венчаници се најпосакувани, но не се исклучуваат и кратките - вели сопстеничката Салие.
Модната вечер на невестите заврши со шик и елегантни венчаници на модното ателје „ MCouture by Mila Kadriu“. За разлика од останатите, дизајнерката Кадриу одлучи претставувањето да го започне со кратки венчаници. Освен белата боја, беа презентирани и венчаници во пастелни розови нијанси, шампањ и металик. Сепак, не беа изоставени и тесните и макси фустани.
- Многу ми е мило што имаме и еден ваков настан, бидејќи сметам дека идните невести треба да бидат повеќе информирани што и како се носи. Овој пат сакав да презентирам венчаници кои ќе бидат лесни, лелеави, изработени токму од такви материјали. Да бидат романтични, но вметнав во нив и малку боја, да не се класично бели. Новитет беше што ги вклучив пердувите, иако и досега сум ги вметнувала во некои детали, како и свилениот брокат - објасни Кадриу.
Од она што беше претставено вчеравечер , можевме да видиме дека македонските невести сакаат венчаници со богати детали. Идните невести при изборот на фустанот од соништата, ќе се соочат со светските трендови, како аплицирани ружи, пердувите, бисерите, долгите ракави од тантела и наметките. Исто така, им се нудат и венчаници во боја, кои се уште се храбар чекор и предизвик за нив, но студијата и бутиците за венчаници се повеќе им ги доближуваат.