Хотелот „Мериот“ беше местото каде што вчеравечер се одржа шестиот „The Bridal Fashion Night“.

Идните невести својата инспирација за тоа како да изгледаат на еден од за нив најважните денови можеа да ја добијат од вкупно осум презентации, што вклучуваа венчални и свечени фустани, накит и цвеќе.

Ревијалниот дел го отвори „ MCouture by Mila Kadriu“ со колекцијата „Spring Bridal 2018“, по што следеа и „Менакон“ од Косово со колекцијата „Storm“, студио „Зијане“ и „Ал Апарел“ со фустаните обединети под името „Endless Love“.

Вториот дел од вечерта беше резервиран за трендовите во накитот кој ги претстави „Sigma Jewelry“, а публиката за првпат можеше да види и дел од работата на ателјето „Зана“ од Косово, која се претстави со колекцијата „Something more“.

На крајот видовме креација од цвеќе од арт-студиото за цвеќе „Фа-Бу“ и Јагода Пачемска, а честа да ја затвори вечерта ја имаше „Elizabet design studio“ со најновата колекција „Equilibrium“, а чија ревија пак ја затвори познатата кошаркарка Едина Муса.

Ако се земат предвид сите креации што ги видовме вчера, може да се рече дека тантелата е апсолутен тренд кај венчалните фустани за пролет 2018. Така видовме венчаници целосно изработени од ваков материјал, но и оние на кои беа аплицирани апликации од тантела.

Исто така, забележлива е и доминацијата на тканини што имаат сјај и светки. Едноставниот и минималистички пристап и во кројот и во ткаенините изостана.

За оние што преферираат посмел изглед и за денот на венчавката, беа презентирани венчаници со длабоко деколте или транспарентни ткаенини, тантелни панталончиња во комбинација со здолниште од тул.

А кога се здолништата од тул во прашање, уште еден тренд кој доминира, а беше присутен и на последната модна недела за венчаници во Њујорк, е два во едно.

Можете да носите фустан со сирена крој, но одозгора да имате здолниште од тул, кое во било кој момент можете да го тргнете и на тој начин добивате две венчаници во едно.

Веловите и украсите за глава отсуствуваа, но не и принцез-кроевите, кои предизвикаа воодушевување кај публиката.

Ова шесто издание на „The Bridal Fashion Night“ беше повторно во организација на Моден викенд Скопје, а освен во ревиите, идните невести можеа да уживаат и во мини коктел, во рамки на кој можеа да дознаат и за понудите на останатите соработници кои го овозможуваат овој настан.

Во галеријата погоре пак, можете да ги погледнете фустаните од сите ревии.

Уживајте!

Објавено:
7 февруари 2018
Категорија: 
Бела соба
Прочитано:
1.445 пати