Искусните невести советуваат: 6 работи за кои никој нема да ве предупреди

22 август 2014

Веруваме дека многу идни невести се во позитивен хаос и делеми околку својата венчавка, а секоја информација поврзана со големиот ден и тоа како Ви е добредојдена. На едно место за Вас собравме неколку клучни моменти за кои искусните невести што ја поминале венчавката, велат дека не ни помислиле,  ниту биле предупредени при подготовките на церемонијата. Fashionel постојано Ве советува како да ја организирате венчавката без стрес, а за дел од темите сигурно сте се посоветувале и со пријателите што минале низ истото. Сепaк, она што мора да го знаете е дека секогаш ќе има ситуации за кои можеби и нема да бидете подготвени и предупредени. Еве што велат поранешните невести околу тоа:

Кавги

Сигурно со вереникот барем за момент сте се конфронтирале за некои ситници. Парите речиси секогаш се причина, па дури и оние најсмирените може да ги изгубат нервите  од таканаречениот предвенчален стрес. Сите младенци поминуваат низ истото и советуваат секогаш да размислувате со „ладна“ глава и насмевка на лицето. Парите се минлива категорија, не се нервирајте и дозволете си колку што можете, без претерувања. Имајте на ум дека непредвидени ситници ќе изледуваат до последен момент.

Емоционални моменти

Уште пред да пристигнат да Ве побараат од родителите на денот на венчавката, подгответе си до Вас пар салфети и марамчиња. Солзи секако ќе има, уште кога ќе ја слушнете музиката или кога вашиот родител ќе ќаже некој говор. Родителите нормално се многу емоционални на овој ден, затоа подгответе се и Вие да „паднете“ на нивната емоционалност.

Откажување гости

Немојте да се срамите да им се јавите и по два пати на гостите што сте ги повикале. Сепак, ќе се случи за оние што сте биле сигурни дека ќе дојдат да не се појават и обратно. Можно е да дојдат и со придружба плус.

Кога гостите не разбираат

Првиот танц е Ваш и на никој друг. Колку пати досега на свадба сте виделе гостите да станат да го играат валцерот иако музичарите најавиле дека е само за младите. И по оваа ситуација немојте да се срамите, напомнете му на музичарите добро да потенцираат, дека првиот валцер ќе биде само за Вас и никој друг. Втор валцер секогаш има, затоа може да се стрпат 3 минути.

Проверете ја салата за прослава

Една работа е кога сте се договарале со хотелот или ресторанот, а друго е кога ќе дојде вистинскиот ден. Многу работи може да не ви се допаднат и да не се на местото како што сте посакале. Затоа, пратете некој Ваш близок да ја провери ситуацијата пред да пристигнете, работите може да бидат изменети.

Проверете ги и музичарите

Можеби сте биле на состанок со нив каде сте се договориле каква музика сакате. Сепак, доколку не сте сигурни како звучат побарајте од нив да присуствувате на некоја друга свадба каде настапуваат. На тој начин  најдобро ќе дознаете дали одговараат за вашата прослава или не, бидејќи музиката е многу важна за расположението на сите.

 

 

Објавено:
22 август 2014
Категорија: 
Бела соба