Неодамна заврши неделата на висока мода во Париз, па откако сублимиравме и фокусиравме на тенденциите, деталите, односно целосната деликатност на креациите од висока мода, во продолжение акцентираме на венчаниците. Најпрестижните модни куќи како Валентино, Версаче, Диор нека ви послужат како инспирација доколу сте во потрага по уникатна венчаница. Високата мода, како спој на мода и уметност има обичај да преминува во театралност, што сепак не е случај за сезоната есен-зима 2014/15 година. Фустаните се носливи, преполни изненадувања, а силуетите ласкави и многу женствени.
Модната куќа Шанел претстави интересна и необична колекција, што може да се види и кај венчаниците. За финалето Карл Лагерфелд прошета со манекенекенка во шестиот месец од бременоста, која носеше бел фустан украсен со златен долг вел. Јапонките со панделки ја обележаа цела колекција, па така и делот за венчаници. Невестата на Шанел носи спој на традиција и удобност, низ преубави кроеви и детали.
Модната куќа Диор остана верна на 50-тите години и од венчаниците не потсети на препознатливата силуета на Диор. Венчаниците ги краси едноставност, но и извесна доза на драматичност, женственост и непоправлива романтика. Кројот е таков што секоја невеста би се чувствувала како вистинска принцеза или барем дива од стар Холивуд.
И Ели Саб остана доследна на својот стил, така што е тешко да се каже кој фустан е предвиден како венчаница, а која да го краси црвениот килим. Сите овие фустани се неодоливи, богати со декорации.
Некои ја истакнуваат фигурата, додека други се држат до традицијата. Она што ги поврзува сите венчаници е женственоста, по малку дури и претерана.
Џамбатиста Вали инспирацијата ја побара во италијанската кинематографија и нејзините златни години. Затоа, Вали својата невеста ја претстави како мистична, храбра, дискретна и горда што е жена. Златните и виолетовите детали само го интензивираа доживувањето на гламурот.
Легендарната италијанска куќа Валентино не посвети големо внимание на венчаниците. Сепак невестата на Валентино е храбра жена која верува во себе и во својата природна убавина. Акцентот е ставен на природното од секој аспект.
Вечната игра на црно и бело, како и сребрената нијанса беа доминантни во колекцијата на Зухаир Мурад. Овие вечерни фустани кои подеднакво функционално изгледаат и како венчаници, се идеални за дами кои не се плашат од сексапил, но сакаат да бидат елегантни и грациозни.
Богатите детали и драматичниот изглед од шминката и фризурата уште еднаш ја доловија уникатноста на омилениот дизајнер за многу девојки и жени.
Модната куќа Версаче на писта донесе модерна колекција која изобилува со геометриски елементи. Очекувано, невестата на Версаче е силна и свесна за своите облини, се само не срамежлива. Фустаните се раскошни и полни со модна свежина, како и неконвенционалност. Накитот кој ги надополнува е исто така впечатлив и укажува на решителноста кај жената.