Денеска сме роденденци! Заокружуваме 5 години откако идејата за раскошно раширените крилја на слободната и креативна мисла, со целиот свој колорит, му донесе виножито на сивиот и тешко натежнат облак над домашниот медиумски простор. Виножитото пред нас отвори бесконечен хоризонт на фантастични, далекусежни идеи кои одново и одново сликаат пејзажи во кои се огледуваме ние: пораснати, созреани, со поголема интелектуална тежина на плеќите, но со истиот ентузијазам и жар како од првиот ден.
Симболично петката се доживува како успех, а проекцијата за Fashionel пред 5 години за денес, беше токму тоа што сме сега. 5-ка за Fashionel :)
Ова се петте највозбудливи и најпродуктивни години за нас како екипа. Генералната ретроспектива на изминативе 1 825 дена, нè радува, нè прави горди и среќни што сме успеале да одговориме на предизвикот, да ја задржиме позитивната мисла, насмеаното лице и ладната глава и во ситуации кога притисокот на секојдневието, факторот време, динамиката и природата на работата не биле на наша страна.
Се обидувам во својата меморија да ги задржам сите оние значајни, помалку или повеќе позитивни моменти од изминативе 5 одини на ова исто работно место, зашто секое искуство поединечно ми ги храни и крепи и емоцијата и духот и менталната состојба и така интимно стануваат дел од мојата иднивидуа, но и од нашиот заеднички колектив кој така совршено – несовршено функционира како целина, како еден организам.
Fashionel е нашата средба со најдобрата верзија на секој од нас, со невозможното кое станува возможно, со нашите херои преку разговорите пренесени во интервју, со скриените таленти во кои сме препознале вонземска светлина и сме му ја покажале на светот... Да ставите на „насловна“ некој чие име се уште не го знае никој, а интуицијата ви вели дека е само прашање на време кога ќе го знаат сите... Тоа е благословот на нашата работа.
Дишеме со полни гради. Мислите ги пуштаме слободно да летаат. Нема недоприливи висини. Некогаш имаме будалести идеи, ама многу често се покажало дека всушност токму тие, будалестите, раѓаат добри приказни. А секоја раскажана приказна низ нашите страници, остава белег на нашиот идентитет. А во современата живеачка, стана луксуз (за жал) да имаш добро избрусан личен, само твој, препознатлив идентитет. Затоа ние љубоморно го чуваме и го надградуваме нашиот.
Во Fashionel научив дека постои и втор дом и второ семејство!
Среќен роденден Fashionel! Нека твоите раскошни крилја на слободната и креативна мисла допрат до најголемата длабочина на духот и до највозвишената состојба на умот.