And Just Like That... се случи разочарување

21 декември 2021

Продолжението на „Сексот и градот“ насловено како „And Just Like That“, беше долго најавувано и очекувано. Разочарувањето што ќе ја нема Саманта како лик некако само уште повеќе како да ја подгреа љубопитноста за тоа како создавачите на серијата ќе го решат овој „проблем“ (ако треба веднаш да одговориме - млако), па потоа дојде на „тапет“ изгледот на главните протагонистки и дали е тој во склад со годините или не...

И некако после 23 години со нетрпение се очекуваше да се види како серијата која не може да се нарече ниту само женска и која стана дел од поп културата како дури и револуционерна поради пласирањето на размислувањата на жените во 30-тите, за ЛГБТ заедницата, за модата, ќе изгледа во едно време кога зборувањето на темите по кои е позната серијата веќе не би требало да биде никакво табу.

Интернетот се крена после првите две епизоди. Ние пак почекавме да ја изгледаме и третата и да ги сублимираме нашите впечатоци.

And Just Like That... сепак разочарувањето остана.

Ако не сте ја гледале, а планирате, тогаш да ви напоменеме дека во продолжение следат „спојлери“, па одлучете сами дали ќе продолжите со читање.

Смртта на Ѕверката уште во првата епизода беше изненадување и тоа не баш од најпријатните, но мора да признаеме ние имаме повеќе проблем како таа сцена е изведена отколку тоа што таа љубовна приказна на еден начин завршува.  Сцената наликува на оние од теленовелите, а тоа не го очекувате овде.

И ако ова во првата и втората епизода значеше дека после години „емотивно малетретирање“, Кери сепак успеала да ја скроти „Ѕверката“ и да биде победникот, третата епизода ќе биде емотивен рингишпил и потсетување дека такво нешто веројатно не постои. Постои само нашето верување дека некој е онаков каков што го познаваме. Дали го познаваме до крај? Не, никогаш и нема.

Приказната со Саманта и остатокот од екипата и зошто ја нема повеќе е сосема неубедлива. Се обиделе да направат мост, мошне нестабилен и присутен затоа што мора, затоа што публиката очекува, но од друга страна, дали и да беше поинаква приказната од лутото заминување на Саманта во Лондон и откажувањето од секаква комнукација со сите три пријателки (иако е скарана само со Кери), ќе го задоволеше незадоволството на публиката што ја нема - веројатно не.

Саманта ја нема, но има други нови ликови и политичка коректност во речиси неподносливо количество.

Потенцирањето на годините, несигурноста на жените и во 50-тите, рефлексија на Black Life Matter, трансродност, квир, цис-родови... како да биле премногу оптоварени со политичката коректност, со тоа да бидат „ин“ со сегашноста, да ги вклучат сите можни актуелни теми и тоа го направиле пренагласено.

Модните комбинации на Кери Бредшо се и во новите епизоди одлични, не заостанува ниту остатокот од екипата, иако мешањето со не толку познати брендови и high street понудата не се толкуу нагласени, сега акцентот е ставен повеќе на дизајнерски парчиња.

Недостасуваат вистинските теми кои 50-годишните жени би ги размислувале, недостасува храброста, луцидноста... И да, Кери не пишува веќе колумни (списанијата не се веќе „ин“), но дигиталните изданија и веб страните да, така што не дека пишувањето колумни е толку застарено.

Сепак, на сметка на тоа, Кери е дел од подкаст, во кој и не се снаоѓа добро, а можеби ако веќе е дел од такво нешто, таа да биде домаќинот, а не гостинката.

Тоа што и новите епизоди не се обединети под насловот „Сексот и градот" има совршена смисла и тоа е одличен чекор, има сцени што може да кажеме дека се забавни, дури може и да ве насмеат, но севкупната (досегашна) реализација и тек на приказната не се најсреќното решение.

Но, не можеме да не помислиме дали и нашите очекувања се превисоки? И дали тоа што ниту ние не сме веќе истите има врска со тоа што серијата која порано ја гледавме со задоволство, љупобитство и во која умеевме да се пронајдеме, сега не ги задоволува нашите критериуми?

Сепак, до крајот има уште епизоди, па ќе видиме дали впечатокот ќе се подобри или ќе останеме на мислењето дека шоу какво што имаа „Пријатели" сепак ќе беше подобар избор.

Враќањето на “стари“ серии е актуелно, но можеби овој тренд кој прави пари е само сквернавење на минатиот труд кој се покажал како успешен и запаметен.

Какви се вашите впечатоци?

Објавено:
21 декември 2021
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
6.533 пати