До сите првачиња...

4 септември 2017

Иако можеби повеќето од вас нема да можат на почетокот на училишната година да го прочитаат ова, нека тоа за вас го сторат вашите мама или тато, бато, повозрасното сестриче, вашето поголемо другарче, баба и дедо или вашата учителка... Денеска е вашиот прв училишен ден, значаен по толку многу нешта.

Верувам дека сте истовремено и возбудени и среќни и помалку во очекување и неизвесност што ли ќе се случува на овој ден за кој се подготвувавте толку долго. Се сеќавам колку трема имав јас на мојот прв ден во училиште. Во училишниот двор за прв пат се сретнав со другите првачиња со кои годините што следуваа делевме клупа, молив, знаење, но пред сè другарство! Секогаш кога ќе се присетам на тој ден, ми доаѓа некако убаво и ми се враќа истото тоа чувство на возбуда. Од дома си го донесов основното и можеби најсуштинското воспитување: кажи добар ден, погледни лево и десно пред да ја преминеш улицата, секогаш помогни му на другарчето или насмеј го ако е нерасположено, внимателно слушај ја учителката, биди скромна, откривај ги тајните на универзумот, кога некој зборува слушај го внимателно и не го прекинувај...

Така до некаде подготвена седнав во третата клупа. И тука е новиот свет на кој му пристапив со голема љубопитност. Вториот дом каде ги научив буквите и бројките, ги прочитав првите книги, слушнав за Моцарт, за Никола Бадев, за Ристо Шишков... Но, ова беше и мојот втор дом, а другарите моето семејство. Од едно дамнешно прваче, кое ги научило основните животни лекции, ќе ви споделам неколку морални и етички правила, кои важат секогаш без разлика на која генерација првачиња ѝ припаѓате:

Никогаш не плашете се да кренете рака и да поставите прашање ако нешто не разбирате или не ви е јасно. Учителката е тука за да ви објасни сè. Не е срамно ако нешто не сте разбрале, па затоа и одите на училиште, да научите.

Никогаш, ама баш никогаш не му се потсмевајте на другарчето од било која причина, тоа во другарството не постои. Напротив, ако можете да му помогнете, помогнете му.

Завршувајте ги училишните обврски навреме, така после тоа ќе имате повеќе слободно време за играње.

Ако имате некоја интересна идеја да изработите нешто заедничко со вашите другарчиња од класот или сте слушнале за некоја хуманитарна акција, споделете го тоа гласно со учителката и со вашите соученици. Можеби од сето тоа ќе произлезе некој супер кул или корисен проект.

Радувајте се на среќата на другарчињата, чувствувајте ја како своја, чувството е прекрасно.

Не можете да бидете најдобри во сè, така е и во училницата и воопшто во животот. Во ред е ако не сте најдобри во математика, но потрудете се да се подобрите и да го дадете својот максимум. Но, затоа пак можеби први ќе ги научите буквите или ќе имате најубави цртежи на часовите по ликовно.

Научете да делите (не мислам само на математичката операција, секако и тоа). Себичноста е најлошата услуга што може да си ја направите самите на себе. Ако некое од вашите другарчиња тој ден не ја понело ужинката од дома, поделете ја твојата. Сигурно ќе ви биде многу повкусно кога ќе јадете заедно.

Почитувајте ја вашата учителка. Секогаш внимателно слушајте што има да ви каже, еден ден ќе сфатите колку тоа ќе ви значи и многу пати ќе го примените понатака во животот.

Секогаш ќе најдете време за забава за време на или помеѓу часовите. Смејте се, насмејте ги и другите околу вас.

Бидете добри луѓе, останете добри луѓе! Задржете го детето во вас и кога ќе пораснете. Запаметете какви сте биле на вашиот прв училишен ден и кога ќе пораснете огледајте се во детето кое било жедно за знаење, детето кое верувало во добрина, кое било пример за останатите, кое било најдобар другар, ги чувало тајните на својот другар и му помогнало во неволја, детето кое знаело искрено да сака...

P.s Имате за задача на крајот на училишната година, да го прочитате ова писменце од почеток до крај, зборче по зборче.

Објавено:
4 септември 2017
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
1.384 пати