Херои во време на корона, а потоа?

25 март 2020

Сега, кога светот се соочува со глобална криза која директно го загрозува здравјето и никој не е привилегиран, вистинско време е да ги поставиме прашањата: прво дали оваа ситуација ќе ни ја засили свеста и одговорноста кон сопственото и кон здравјето на другите и второ дали работата и заложбите на здравствените работници конечно реално ќе бидат вреднувани, онолку колку што заслужуваат?

Односот кон себе и личното здравје е субјективна состојба. Но, без разлика каков бил нашиот редослед на приортети претходно, пандемијата сега го измести и му даде нов тек, заеднички за сите: имаме една брига, личното и здравјето на нашите најблиски. Во нормален вредносен систем, така и би требало да биде, без аларм, без потсетување. Но, современиот систем во кој ние циркулираме не секогаш е логичен или морален, па многу често материјалната вредност е повеќе на цена во однос на духовната и менталната на пример. Додека кризата е во својот ек, нормално е здравјето да е нашата главна преокупација и грижа. Но, важно е од оваа ситуација да научиме лекција која нема да ја заборавиме првиот ден откако состојбата со пандемијата ќе заврши. Здравјето нема цена.

Здравствените работници, сфатено во поширок контекст, го носат најтешкиот товар на своите плеќи во оваа ситуација, потпрени на своето знаење, професионалност и искуство. Секако тука се и индвидуалците, кои во име на својот професионализам, застануваат во првите борбени редови заедно со медицинските лица. Тие се хероите во кои сега сите гледаме надеж. Останатите сме пасивни „играчи" кои најмногу може да помогнеме ако не одмагаме.

Генерално, истите тие здравствен работници не се тема, освен во време на криза, кога колективното здравје е загрозено. Тие не се ѕвезди кои ќе предизвикаат сензација во јавноста и ќе ги задоволат евтините апетити на маса. Но, тие се круцијални кога највредното е во прашање: здравјето. Битно е да се отворат прашањата за нивното достоинство и вреднувањето на дневна основа и од секој аспект, на локално и регионално ниво, имајќи ги во предвид оние кои професионално и безрезервно се посветени на својата мисија запечатена со Хипократова заклетва.

Кризата го разголува и тоа што е вредно и тоа што е бајато. Затоа, хероите во време на корона, се истите професионалци и во време на „обичен" сезонски грип.

 

Објавено:
25 март 2020
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
1.065 пати