Интернет шопинг: што бараме, а што добиваме?

3 септември 2015

Ерата на глобализација покрај другото заснована и на револуционерниот Интернет, донесе низа олеснителни околности во секојдневното функционирање на луѓето. Една од таквите околности е и лесниот пристап до глобалниот пазар на производи, кои со неколку „кликови" стануваат ваша сопственост директно испорачани до вашиот дом.

Популарно наречениот интернет шопинг е глобална „манија", која се подлабоко се инфилтрира и во нашето општество. Заштеденото време, а во одредени ситуации и пари, се првите бенефиции поради кои луѓето се почесто се одлучуваат за ваквиот начин на купување.

Меѓутоа, „онлајн" шопингот секогаш носи одредени ризици од повеќе аспекти од кои во оваа содржина  ќе се осврнам на прашањето: што очекуваме, а што добиваме?

Доволно е да отворите неколку популарни интернет продавници со широк асортиман на производи и милиони клиенти, за да ги забележите поделените мислења и различните искуства на купувачите во однос на горепоставеното прашање.

Добрата работа е што најчесто постои отворен пристап за купувачите да споделат искуства преку коментари или онлајн разговор, со што се намалува ризикот од разочарување и залудно потрошени пари.

Најчесто, онлајн продавниците што се брендирани и нивниот кредибилитет го заштитуваат со името на брендот, имаат строго дефинирани правила и стандарди на производите, што во голем процент ја зголемува безбедноста на процесот на онлајн купување, а притоа најчесто и се задоволени очекувањата на купувачите.

Но, најголемиот проблем се појавува кога ги нарачуваме производите од „несигурни" онлајн продавници, што во својата понуда на производи вклучуваат буквално сè и сешто, почнувајќи од апарати за домаќинство до украсни елементи за прослави и облека.

Најчесто, производите во ваквите продавници се копии со многу пониски цени од оригиналите, што разбирливо е примамливо за пошироката публика. 

Особено кога станува збор за облека, чевли или други производи за лична употреба, постојат одредени спецификации и стандарди за одредување на нивните величини. Но, многу често таквите стандарди не се идентични во целиот свет. Па така ако одредена величина е присопособена за кинескиот пазар, многу често не е соодветна, на пример со стандарите во Европа и тука настанува еден од проблемите: премногу тесни или широки панталони, прекратки или предолги фустани, сако со куси ракави итн.

Од друга страна пак, кога порачуваме ваков тип на производи треба да тргнеме од себе и да бидеме свесни за нашите пропорции. Идеалните манекенки што ги гледаме на фотографиите поставени како реклама за производот, ја постигнале својата цел со тоа што ве убедиле дека производот изгледа совршено. Да, можеби е идеален на манекенката од фотографијата, но тргнувајќи од величините и материјалите, тоа не гарантира дека така ќе биде и во вашиот случај.

Ризикот при купување на ваквите производи и можноста за разочарување секогаш ќе постои. Но, од друга страна пак изборот е толку широк, а заштедата на време е толку значајна, што дури и кога ќе се пресметат ризиците купувачите повторно се одлучуваат за ваквата форма на купување.
Позитивниот момент е што ризиците секогаш може да се минимизираат, доколку се осврнеме на неколку значајни детали:

-Доколку имате можност и ако веќе сте се решиле за онлајн купување, одберете сигурен бренд
-Одвојте време и прочитајте ги искуствата и коментарите на оние купувачи кои веќе „се соочиле" со производот
-Проверете ги рејтинзите
-Доколку купувате облека, следете ги инструкциите за одредување на конфекциските броеви, иако тоа не е секогаш гаранција за идеално совпаѓање со вашите пропорции
-Не се споредувајте со моделите од фотографиите, туку реално тргнете од вашите потреби и вашите пропорции (доколку купувате облека)
-Доколку истиот производ имате можност да го купите во најблиската продавница, тогаш не се двоумете, во секој случај е посигурниот избор

Објавено:
3 септември 2015
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
8.386 пати