РЕЦЕНЗИЈА

Love, Death + Robots 3: Фасцинантна анимација, бодликав сарказам и мрачна критика

17 јуни 2022

По две успешни сезони, анимираната серија за возрасни „Love, Death + Robots" годинава се врати на малите екрани преку стриминг платформата Netflix по трет пат. Иако третата сезона ја имаше својата премиера во мај, серијата е сè уште актуелна тема на разговор помеѓу критичарите и публиката; старите фанови, но и новите гледачи.

Во режија и продукција на Тим Милер, Дејвид Финчер и Џенифер Ју Нелсон, „Love, Death + Robots" и овој пат се придржува до добро познатата формула: различни студија за анимација работат на различни приказни, со теми кои се поврзани со главниот наслов. Секоја од епизодите претставува свој засебен универзум, па затоа и не наметнуваат редослед кој треба да се следи за да се сфати суштината на приказните. Дел од нив се снимени според оригинални сценарија, но повеќето се адаптирани на комични, хорор, научно-фантастични и фантастични раскази.

Love, Death + Robots | Фото: Netflix

Слично како и кај претходните две сезони, така и во оваа, епизодите се мрачна критика на општеството и орбитираат околу темите на љубовта, надежта, напредната технологија, самодеструктивноста, ефектот врз природата и опкружувањето, насилството и крвта, поставувајќи важни прашања за насоките во кои се движи човештвото.

Серијата несомнено провоцира размислување со својот бодликав сарказам и мрачно хиперболицирање на негативните страни на општеството, како со примерот во епизодата „Three Robots: Exit Strategies". Затоа не е ниту зачудувачки што серијата е честопати нарекувана „анимираната сестра" на „Black Mirror", уште една хит серија на Netflix.

Love, Death + Robots | Фото: betpicksapuestas.com

Но за разлика од првата и втората сезона на „Love, Death + Robots", во третата се чувствуваат одредени промени кои љубителите ги пречека со поделени ставови. Оваа сезона ни нуди 9 епизоди, од кои сите се пократки од 22 минути. Тоа е половина од материјалот од првата сезона, но затоа пак новите епизоди надокнадуваат брутални и крвави сцени и повисок квалитет...барем споредбено со втората сезона.

Квалитетот на приказните што серијата го понуди овојпат претставува жешка тема на дебата помеѓу критичарите и публиката. Многумина го критикуваа големото присуство на насилство и крв, како и повторувачката тематика на хипердимензионирани чудовишта (како оние во „Bad Travelling" и „In Vaulted Halls Entombed"), наспроти далеку помалку присутната комедија за разлика од претходните две сезони.

Love, Death + Robots | Фото: Netflix

Сепак, она што може со сигурност да се каже е дека провокативното раскажување, јасната критика на она што е „гнило" во човекот, како и восхитувачката анимација која упорно ги крева критериумите, продолжуваат да доминираат како главно обележје на „Love, Death + Robots".

Серијата не отстапува од епитетот „визуелно ремек дело" кое смело ги истражува полињата на комплетно компјутерски генерираната анимација, 3Д анимацијата и восхитувачката 2Д анимацијата, како на пример во епизодата „The Very Pulse of the Machine", додека пак „Jibaro", со своите фотореалистични сегменти, беспрекорен дизајн и прекрасна кореографија има моќ да ги преплете хоророт и убавината и да го маѓепса гледачот, исто како и сирената облечена во злато и драги камења.

Love, Death + Robots | Фото: polygon.com

Земајќи ја предвид одличната музика; феноменалниот кастинг на актери кои ги позајмија своите гласови за ликовите во епизодите; фасцинантната анимација и богатите колорит и текстура со кои се претставија студијата за анимација во „Love, Death + Robots", серијата нуди широка палета на стилови.

Со тоа, очекувано е некој стил да му се допадне некому повеќе, а некому помалку. А токму во тоа се крие и убавината во една, безмалку мрачна антологија како оваа.

 

Објавено:
17 јуни 2022
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
192 пати