Колку ние жените навистина знаеме што ги привлекува мажите кај нас? Од сите страни наидуваме на информации кои се за неверување од проста причина што ние како жени трошиме толку многу проклето време за да изгледаме добро за себе пред се, така барем би требало нели?
Туку од некоја страна читаш како мажите сакаат едноставни, сосема природни нешта, спонтани ситуации. Ништо не ви е јасно така? И мене искрено. Кога ќе се загледам во сите жени околу мене кои поминуваат, помислувам колку драгоцено време потрошиле на својот изглед и веднаш пресметувам во прочитани страни од некоја добра книга. Неисе, сите ние сакаме да се допаднеме на овој или оној начин. Неуморни сме во одењето по козметички салони, поднесувањето на болка при депилација, фарбање на таканаречен „корен“, барем еднаш месечно, маникири, педикири, масажи и да, неизбежниот целулит кој е здодевен.
Сигурна сум дека мажите сакаат мини здолништа и некаде по пат ја оставаат фантазијата да отспие. Но, утринската глетка на љубената во постела го топли неговото срце. Една таква спонтаност може да ги разбуди сите негови сетила, чувство на интимност, припадност, близина. Заклучок: фрлете го мини здолништето веднаш! Не ви е потребно ама баш никако, згора на се е „пасе“.
Ќе се утепате од фенирање секојдневно, ќе вртите кадрици нагоре надолу, ќе се препарирате и врат ќе ви се искриви при подготовка за некоја свадба, секако како гости, не спомнувам тука невеста оти тоа е непресушен извор на желби и потреби, за на крај тој што ве сака ви каже дека сепак сте му најубава со свежо измиена коса и така лежерна.
Кога станува збор за шминката, проверено мажите не сакаат шминка, не им се допаѓа вкусот на пудрата, карминот, црвенилото. Замислете се себеси со црвен кармин и после првиот бакнеж мора да се погледнете. Две лица размачкани на сите страни како да сте си играле претходно со боички... Непријатно нели? Од друга страна да одите и да го избришете вашиот кармин, па не сте видовити дека ќе се бакнете точно во 22 часот и 34 минути. Заборавив на утринските часови после луда журка, во тие моменти ништо не е важно.
Стигнуваме до точката наречена стомак. Ако не трчаме, вежбаме, не правиме стомачни, стомачето знае да биде така заоблено и најчесто го вовлекуваме или не го вовлекуваме, но во секој случај мајстори сме за негово прикривање. Добрата стара изрека на Мерлинка „Жена без стомаче е како куќа без тераса“, мислам дека нè има зафркнато нас жените одамна. На крај сите завршуваме со истото мачно вовлекување, оти терасата се сруши, не може да издржи .
Кога мажот ќе ви каже дека сте му убави со сите бори на лицето, тоа е веќе музика за уши. Арно ама кај нас е проблемот да ги прифатиме или да не ги прифатиме сите наши бори кои имаат потекло од непроспиени ноќи кога се будат децата, сите прележани сипаници, температури, грижи кои и самите без потреба (најчесто) си ги товариме.
Истражувањата покажуваат дека ако носите очила тоа воопшто не им пречи на мажите. Зошто би им пречело, секоја една од нас што носи очила не догледува најдобро и извесно е дека со „други“ очи го гледаме оној што ни се допаѓа. Дури мислат за нас дека сме посигурни во себе и посериозни. Само да знааат колку напрегање треба кога ќе ги извадиме очилата, јас најчесто паѓам од кревет, не можам да дочитам упатство за лекот што директно повлекува опасност да земам погрешен лек и на тој начин да се самоповредам несакајќи.
Во друштво најдобро се јаде тоа сите го знаеме, не откривам Америка. Но, секогаш нели мажите повеќе јадат и повеќе уживаат. Отсекогаш сум внимавала да не јадам колку нив, сум прескокнувала оброци. Не, навистина замислете да изедете цела „даска“ разно разни меса, предјадења. Уф, тешка задача! Кога ќе се сврти накај тебе и ќе те праша: Некое десертче сакаш? Тебе ти се јаде, ама па си нарачуваш вода. За волја на вистината оваа драмска ситуација не важи после три години брак, јадеш сè, дури и повеќе од него, ама тоа некој друг пат.
Дојдов до податок дека најсекси на мажите им се нашите стапала. Ќе се задавев така гледајќи во мониторот. Замислив пред себе испукано женско стапало во летна папуча.
Не,не! Велат дека никогаш, ама баш никогаш немојте да ги криете вашите стапала, што во преносна смисла значи при рака да си ја имате турпијата и маргаринот (така бабите велат, само маргарин му е мајката, не е добар за јадење ама за стапала најголем мелем).
За крај, бидете свои, со стомаче, без шминка, косата расфрлена на сите страни, во широки здолништа, петици свежо намачкани и гушнете го денот. Навистина кој ќе ве сака, ќе ве сака поспана, бушава и без тронка шминка!
Живејте го денот!
Бејбимама