Родители, зошто децата ви се сами...

23 мај 2016

Моето женско најблиско друштво главно е составено од неколку другарки уште од средно училиште. Со тек на време го „надградувавме“ кругот и со по некој колега од факултет или работа, но јадрото си остана заедно. Првата од нас се омажи неодамна.

Уште една моја блиска другарка и јас бевме првите што ја видовме во венчаница и прилично се „припотресовме“. Не ни очекувавме дека така ќе изреагираме и дека толку ќе надвладеат емоциите. Беше убава како никогаш до тогаш... И таа возбудена и растревожена, ни раскажува:

-Многу сум возбудена и среќна. А моите многу емотивно го доживеаја тоа што си заминувам од дома – вели и самата мошне емотивна по тоа прашање, како особено приврзана за нејзиниот татко.

На тоа двете на шега ѝ рековме:

-Уживај. И нашите дома плачат, ама дека не се мажиме!

Се изнасмеавме, но реално сликата е таа. Всушност од тие пет-шест девојки што се дружиме, освен невестата што ни се омажи, сите други сме немажени или без партнер.

И сите се соочуваме со коментари од типот: „Ајде, сине, време е“, „Како тоа не можеш никој да најдеш“, „Не си заинтересирана да си најдеш некој, затоа тоа е така“, „Леле, ќе си останеш сама“, или „Доста одевте, планирате ли да се земате?“, „Сите во зграда се омажија, само вие останавте“, „Ајде, сакаме внучиња“, „Што планирате да правите?“ и слично... На повеќето ви е познат муабетот, сигурна сум.

Драги родители, сликата е ваква:

-Не е точно дека не сакаме или не сме заинтересирани да си најдеме некој што ќе нè трпи и сака истовремено или да се омажиме. Едноставно - не е едноставно.

-Ако во ваше време беше незамисливо да се види машко и женско друштво како два посебни табора, сега е незамисливо да се видат помешани. Таа ќе се прави тактичарка и незаинтересиранa, па дури и дрска, а тој или ќе ја „утепа“ од гледање, ама нема да пријде затоа што – или нема доволно храброст, или го одбива дрскоста, или ја планира само за краткорочно, а таа гледа долгорочно... Или обратно... Работава изгледа како посакувана борба помеѓу „Казанова против Дон Жуан“, ама и двајцата ги нема... Мажите и жените се прилично отуѓени меѓу себе, а хемијата е оптоварена со бројни предрасуди, површности и нереални очекувања, заборавајќи што навистина треба да подразбира вистинска љубов што ќе трае.

-Жените се „фураат“ на феминизам, самосвест, моќ, а мажите се „фураат“ на тоа дека заслужуваат девојка која изгледа како Жизел Бундшен... Да, се вратиме во реалноста...

-Жените бараат мажи што знаат и да зготват нешто, да помогнат низ дома, да ги гледаат децата заедно, да ја поддржи да гради кариера паралелно. Мажите бараат некоја што безусловно ќе ги сака, нема да му „мрчи“ и да го оптоварува, ќе го поддржува во неговите успеси, ќе ги задоволува сите потреби, ќе има семејство со неа, ама и ќе си ги гледа другарите... Каде е средината?

-Места во Скопје за излегување? После полноќ? На прсти се бројат. Особено за оние 27+, а верувам и во другите градови е така... А и после 10 до 12 часа работа (бидејќи ретко кој си оди дома на време, или има викенд), единствено нешто за што размислувате е храната и креветот.

-Супер е што сите сè повеќе обрнуваат внимание на својот изглед, но сè позастапена слика е на мажи посредени од жените. Колку жените и да не сакаат маж што не е среден, сепак не сакаат да е подотеран од неа. Речиси секоја, во еден момент ќе го побара „мажјакот“ кој понекогаш знае да подзамириса на пот, во растегната тренерка и маица, да се изнервира, да покаже машкост, доминантност, колку и да е таа доминантна... Изгледа некои матрици тешко се менуваат...

-А всушност и едните и другите бараат „нормални“ партнери... Што подразбирате под нормално?

-Сите сакаат третман на принц и принцеза, па компромис тешко се прави. Затоа, по првата голема кавга, веднаш си се враќаат дома и „сè е тотален хаос! Драма!“.

-А и тие што имаат убава врска, но не се одлучуваат на брак имаат цела листа прашања. Голема е веројатноста дека барем на еден, ако не и на двајцата, работата им е крајно несигурна (под претпоставка дека се вработени), а платата недоволна. Во време кога сè во државата е на климави нозе, какви да бидат размислувањата за иднина?

-Да се земе кредит многу често е единственото решение да си купите покрив над глава. Ама со претходната точка, кога секој момент би можел да останеш без работа, како би ја платиле ратата, како би се хранеле, создавале семејство...

-Внучиња? Па со оглед на сè погоре кажано, со оглед на тоа што по 12 часа се работи, ретко кога се гледате со партнерот, едвај дома се прибирате, доаѓањето на нов член, што секако би ви го сменил светот и би внел светло во вашиот живот, е одлука на која младите сè потешко и подоцна се одлучуваат.

Родители, списокот е голем. Една тема отвора друга и така во недоглед... Ако мислите дека не размислуваме – грешите, размислуваме и тоа повеќе одошто можете да си претпоставите. Не сте единствените што навечер не можат да заспијат. Не сте единствените што се преиспитуваат дали направиле сè што можеле и каде ќе ги однесе утрешниот ден, дали да останат или да заминат, како и каде да градат иднина.

И оние што сега можеби немаат никој, ќе имаат. Сè уште има „нормални“ (по различни критериуми) што ќе си се најдат. Тајмингот е можеби поинаков од оној што вие сте го посакувале, но многу работи не се онакви какви што очекуваме или посакуваме нели? Тоа не значи дека нема да се случат и да бидат добри.

И тие што не планираат да се мажат/женат, ќе го направат и тоа. Не форсирајте. Доволно е сè исфорсирано.

Сепак, идеални услови никогаш нема да има. А и да одлучат да не официјализираат, да живеат во заедница поинаква од онаа што вие ја преферирате, нека – важно е дека си нашле некој со кој ќе ги споделат и најтивките мигови и ќе ги водат најголемите борби.  

Објавено:
23 мај 2016
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
17.968 пати