93 Оскари: „Another Round“ е најдобар странски филм, а „Nomadland“ најдобар филм

26 април 2021

После црвениот килим, следеше манифестацијата со доделувањето на наградите.

Три златни статуетки освои драмата „Nomandland“за жената која по глобалната финансиска криза живее во комбе на американскиот запад. Според Академијата на филмски уметности и науки, тој е најдобар филм, а режисерката Клои Жао ја освои наградата за најдобра режија и со тоа се запиша во историјата како втора жена која добива награда во оваа категорија, а прва жена со азиско потекло.

Прва режисерка која го освои Оскарот во оваа категорија беше Кетрин Бигалоу во 2010 година.

За улогата во филмот „Nomandland" , Оскар за најдобра актерка во главна улога доби Френсис МекДорманд.

Филмот „Mank" на Дејвид Финчер, кој годинава и имаше најмногу номинации, вкупно 10, освои само две статуетки и тоа во категориите најдобра фотографија и најдобар декор.

Актерот Ентони Хопкинс ја доби наградата за најдобар актер во главна улога во филмот „Father" во кој глуми старец кој тоне во деменција. Ова е втор Оскар за Хопкинс (83), првиот го освои во 1992 година за улогата на познатиот Ханибал Лектор во филмот „Кога јагнињата ќе стивнат".

Хопкинс воедно стана и најстариот добитник на оваа престижна награда. Тој рекорд претходно го држеше Кистофер Пламер кој со 82 години доби Оскар во 2012 година во категоријата најдобра споредна машка улога во филмот „Почетници".

Глен Клос не успеа по осми пат да освои „Оскар“, а во категоријата за најдобра женска споредна улога, во која и беше номинирана, наградата отиде во рацете на Ју Џунг Ју за улогата во „Minari“.

Томас Винтерберг

Меѓу највпечатливите говори вчеравечер беше оној на данскиот режисер Томас Винтерберг, кој освои Оскар за најдобар странски филм за остварувањето „Another Round“.

Мадс Миккелсен глуми професор кој со своите тројца пријатели ќе одлучи да го тестира влијанието на алкохолот на нивните живот. Данскиот филм минатата година победи и на доделувањето на наградите на Европската филмска академија.

„Сакавме да снимиме филм кој го истражува целиот спектар на опивањето, но уште поважно... сакавме да направиме филм кој ќе го слави животот. На четвртиот ден од снимањето, ја загубив мојата 19-годишна ќерка, во сообраќајна несреќа. Таа требаше да ја глуми ќерката на Миккелсен во филмот, и многу се радуваше за тоа. По несреќата, разговарав со психолози и тие ми рекоа, ако можеш да работиш - работи. Седнавме со екипата и се договоривме дека на Ида не би ѝ се допаднало филмот да се прекине. Така што овој филм е чудо. Го снимивме овој филм за тебе Ида, ти си дел од ова чудо“, изјави Винтерберг со солзи во очите.

Комплетната листа на номинирани и наградени погледнете ја овде.

Објавено:
26 април 2021
Категорија: 
Култура
Прочитано:
339 пати
Тагови: 
Оскари 2021