Ако сите светат, ти блескај – Анимакс Скопје Фест

2 декември 2014

Македонската публика ќе има единствена  можност да ги проследи најдобрите и најнови филмови од светот на анимацијата на четвртиот Меѓународен фестивал за анимиран филм „Анимакс Скопје Фест“ што ќе се одржи од 4 – ти до 6 – ти декември во Кинотека на Македонија. Организаторите на денешниот прес кој се одржа во кафе барот „Излет“ најавија богата програма и работилници за деца и возрасни преку кои учесниците одблизу ќе се запознаат со анимацијата и уметноста на создавање на овој жанр.

Во трите фестивалски денови ќе бидат прикажани 52 филма и тоа 44 за возрасни и осум анимации за деца. Поголем дел од нив се носители на престижни награди и победници на филмски фестивали од А категорија. Филмот „The wait of may“ (Чекајќи го мај) на бардот на италијанската анимација Симоне Меси, кој ќе го отвори ова четврто издание на „Анимакс Скопје Фест“. Секоја вечер ќе се прикажува 100 минутна анимација која ќе ги задоволи различните вкусови на филмофилите на фестивалот. Оваа година има еден македонски претставник на фестивалот, а тоа е Иван Ивановски со филмот „Конзо“, кој ќе биде прикажан на првата вечер од фестивалот.

Годинешното мото на фестивалот е „Ако сите светат, ти блескај“, а шријавени се рекордни 326 анимации од 52 земји во светот, од кои во официјалната програма ќе бидат прикажани 44 филмови за возрасни и осум филмови за деца.

Селектор на програмата е Благоја Куновски – Доре, а за победниците и добитниците на наградите Златна, Сребрена и Бронзена тула ќе одлучува четиричлено интернационално жири во состав: М-р Мими Ѓоргоска – Илиевска од Кинотека на Македонија, Диме Ратајковски, главен и одговорен уредник на МРТ и автор на повеќе од 50 документарни емисии, филмови и репортажи, Дорис Бауер од Австрија, ко – директор на филмскиот фестивал за краток филм Еспресофилм и главен куратор на меѓународната програма за фикција и документаристика при VIS (Vienna Independent Shorts).

Новина на годинешното издание на фестивалот е соработката со Европската филмска академија ЕСРА Париз – Скопје – Њујорк, кој ќе додели две стипендии од  3000 евра.

Директорот на фестивалот Кузман Кузмановски изјави дека за стипендијата можат да аплицираат сите ученици од четврта година средно образование и  со завршено средно образование кои поседуваат основно познавање за цртање.

„Анимакс Скопје Фест“ е во организација на продуцентската куќа Аурипигмент, во соработка со здружението на граѓани Креативен центар Тинтири – Минтири од Скопје, со поддршка од Министерството за култура на Република Македонија и Град Скопје, а во соработка со Кинотека на Македонија.

 

Објавено:
2 декември 2014
Категорија: 
Култура