Францускиот „Father“ победник на „Анимакс Скопје Фест“

9 декември 2014

Францускиот анимиран филм „Father“(Татко) на Сантјаго Бу Грасо ја освои првата награда, Златна тула, на четвртото издание на Меѓународниот фестивал за анимиран филм „Анимакс Скопје Фест“, што се одржа од 4 – ти до 6 – ти декември во Кинотека на Македонија.

На затворањето на фестивалот во саботата беа доделени и останатите награди. Сребрената Тула му припадна на „Man on the chair“(Човек на столчето), во француско – јужнокорејска продукција, а Бронзената Тула на „Castillo Y El Armado“(Кастиљо и наоружаниот) од Бразил.

Наградите ги додели жири – комисијата во состав: М-р Мими Ѓоргоска – Илиевска од Кинотека на Македонија, Андреј Рубетској од Русија – режисер, аниматор, сликар и сценарист, Дорис Бауер од Австрија – ко- директор на филмскиот фестивал за краток филм Еспресофилм и  главен куратор на меѓународната програма за фикција и документаристика при VIS (Vienna Independent Shorts) и Диме Ратајковски – главен и одговорен уредник на МТ и автор на повеќе од 50 документарни емисии, филмови и репортажи.

Наградите Златна и Сребрена Тула ги подигна Бранко Чобанов од Францускиот Институт во Македонија.

За најдобар филм за деца, пак, беше прогласен „Space Dog Family“(Семејството вселенски кучиња), а наградата ја прими гостинот од Русија, Андреј Рубетској, кој е дел од тој проект. За него гласаа дечињата во трите фестивалски денови.

Оваа година мото на фестивалот е „Ако сите светат, ти блескај“. На четвртото по ред издание на „Анимакс Скопје Фест“, беа прикажани 52 филмови, од кои 44 за возрасни и осум за деца. Се пријавија рекордни 326 анимации од 52 земји во светот, а селектор на програмата беше Благоја Куновски Доре.

Организаторите се презадоволни од годинешното издание на фестивалот и полната сала во трите денови во рамки на кои беа прикажани по 100 минути анимација.

„Анимакс Скопје Фест“ е во организација на продуцентската куќа Аурипигмент, во соработка со здружението на гараѓани Креативен Цента Тинтири – Минтири од Скопје, со поддршка од Министерството за култура на Република Македонија и Град Скопје, а во соработка со Кинотека на Македонија.

 

 

 

 

 

Објавено:
9 декември 2014
Категорија: 
Култура