Ана Бунтеска: Првиот одмор без родители – Охрид ми се чинеше како да сум на крајот на светот

24 јули 2017

Сигурни сме дека повеќето од вас се сеќаваат и пополнувале лексикони во детството. Ние одлучивме да се потсетиме на убавите години, а воедно да ги потсетиме и нашите соговорници.

Една од нашите омилени современи поетеси Ана Бунтеска, ја пополни својата страница во лексиконот, која мириса на убави спомени, на авантуристичко детство, на широки сини хоризонти што инспирираат стихови што ви ја соголуваат душата...

Уживавме во разговорот со Ана:

- Сте пополнувале ли некогаш лексикон?
Сега ме вративте толку многу назад, дури во основно училиште. Со другарките правевме лексикони во тетратки, со сите тертипи. А што е најинтересно, лексиконите уште функционираат. Гледам по ќерка ми, која има 11 години.

-Прва асоцијација за лето...
Од сите годишни времиња, летото најмалку го сакам. Мое време отсекогаш била есента и почетокот на зимата. Најплодни за пишување, за шетање, испиративни и ми мирисаат на живот. Можеби и затоа летото најмногу ме асоцира на забавеност. Како да ми се батериите испразнети и како му се наближува крајот, така почнувам да живнувам.

-Прв летен одмор без родители...
13 години, Охрид. Ми се чинеше дека сум отишла на крај на светот.

-Кои ви беа омилени активности како дете за време на летниот распуст...
Сакав да истражувам. Се пентарев по карпи, барав школки или камења со необична форма. Не бев вешта за правење замоци од песок, ниту пак ме привлекуваа друштвени игри како играње со топка во вода.

-Предлог книга за на плажа...
Најактуелна ми е сега новата книга на Дарко Лешоски, "И тогаш Јаков му дари на Јосиф шарена облека"...и комплетот на Мопасан од 12 скапоцени книги кои ретко се наоѓаат (големо фала до Миле кои се потруди да завршат во мои раце).

-Ова лето слушам...
Летово се навраќам на Bowie и Cohen...не сум по летните хитови, а особено не по оние латино безлични песни кои се слушаат по кафулињата на секој чекор.

-Ова лето гледам...
Ова лето си ветив дека ќе изгледам барем една серија...и еве, уште се канам, демек собирам информации за познативе серии.

-Омилен летен настан, фестивал, културно случување...
Немам омилени летни настани. Ми се допаѓа кога луѓето преку цела година посетуваат кино, театар, одат на балетски претстави, концерти. Не би пропуштила гостување на странски изведувачи кои ретко доаѓаат во Македонија, ама цела среќа што ги имаме Авалонци за да уживаме во светските ѕвезди.

-Што е за Вас знак дека стасало летото?
Завршување на школската година и ѕенѕањето на ќерка ми "што ќе правиме сега? Ќе возиме точаци? Ќе одиме на излет? А во Охрид кога? А фризбито за на море?". Потоа опуштеноста кај луѓето и лежерноста која отсуствува преку годината.

-Што ако се расипе клима на +40?
Ич не сакам клими и избегнувам да ги уклучувам. Се разладувам со ладен чај, туш...климата ми е неприроден начин на ладење на воздухот, иако за повеќето луѓе и неопходен.

-Во кои ситуации се зацрвенувате?
Хахахахахаха...во многу. Кога ќе добијам комплимент, кога ќе ме пофалат, кога ќе се вљубам и треба да разменам 2-3 збора со човекот, кога читам на глас песни.

-Што најмногу Ве иритира на плажа?
Општо ме иритира простотилак и непочитување на туѓиот интимен простор. Би сакала повеќе да водиме сметка дека нашето лично уживање било каде и во било што, не смее да го попречи истото на оној до нас.

-На/За што размислувате додека лежите на плажа?
Не лежам на плажа. Обично пешачам, се бањам и се сместувам под сенка во некој бар. Впивам синило, дишам јод...а мислите сами си течат.

-Се сеќавате ли на првата летна љубов?
Смешно, ама никогаш не сум имала летна љубов. Никогаш не ми се случило да појдам на одмор и да се вљубам. Хедонистички го користам одморот на она што не можам да го правам кога ќе ме навјасаат обврските.

- Без што не заминувате на летен одмор?
Без дете (се смее).

Објавено:
24 јули 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
2.056 пати