„Бастион“, Бушава азбука, Анушка, Коњи брзајте, се најверојатно првата асоцијација на поголемиот дел од домашната публика за Ана Костовска. Но, Ана, дел од себе остави не само во музиката, туку и во театарската уметност, а во последните десетина години и во филмската.
Животот ја носел на речиси сите страни од светот и честопати се наоѓала рамо до рамо со големи имиња од театарскиот и филмски свет, меѓу кои и Раде Шербеџија, режисерите Љубиша Георгиевски, Љубиша Ристиќ, а така е и во најновото филмско остварување на Срѓан Драгојевиќ, што всушност беше и еден од поводите за нашиот разговор, каде друштво и прават Мира Бањац, Мима Караџиќ, Срѓан Тодоровиќ, Бранко Ѓуриќ, Зоран Цвијановиќ...
„Атомски од десно“ (Атомски здесна) после Црна Гора, каде што и е сниман филмот, Загреб, Љубљана, Сараево, Дубровник, Задар, Ријека, Нови Сад, Белград, својата скопска премиера, последна во низата, ја доживеа вчеравечер, а македонската публика веќе од денес може да го погледне на репертоарот на кино „Милениум“.
Со Ана се најдовме во салонот на македонскиот моден бренд Елена Лука, каде се подготвуваше за премиерата. Мошне пријатна и непосредна, како да не се среќаваме прв пат, Костовска се согласи да позборуваме за овој нејзин последен ангажман, но и за тоа што значи да се биде уметник, за животните искуства и секако за нејзините модни гледишта.
На балканската публика, а тоа ја вклучува и македонската, Срѓан Драгојевиќ ѝ е веќе добро познат преку остварувањата „Ние не сме анѓели“, „Рани“, „Убавите села убаво горат“... Последното остварување што предизвика големи реакции беше „Парада“, а сега ни носи нова приказна наречена „Атомски од десно“. Што може да очекува публиката од него овој пат и во која улога ќе ве гледаме Вас?
- Атомски од десно е метафора... Тоа е команда од времето на југословенската армија која се однесува на атомски напад, која кажува, ако атомскиот напад доаѓа од лево, скокни десно за да преживееш и обратно, што е само по себе бесмислено, затоа што од атомски напад не можеш да скокнеш ниту лево ниту десно (се смее). Но, нашиот филм „Атомски од десно“ е метафора за продорот на либералниот капитализам и тажните услови во кои што поранешните југословенски народи и новите држави што постојат се наоѓаат, за нивната тажна егзистенција, а во таа смисла и за неприлагодени луѓе. Самата приказна е лично искуство на режисерот, кој добил ваучер за бесплатно летување на Тенерифе, но всушност се работело за тајмшер комбинација. Тоа значи дека постојат агенти што продаваат апартмани или луксузни бунгалови на разни локации, со бесмислени договори на 100 години отплата на пример, а на користење на две недели годишно. Договорите се контрадикторни и неповолни за оние што ќе влезат во тоа, што ќе потпишат. Тоа е само еден пат кон должничко робство, што е сè почеста појава на нашиве простори. Приказната се случува во еден ден и се следат приказните на агентите од различни делво на Балканот. Јас ја толкувам Олга, која што е вистински лик. Додека престојувал на Тенерифе, режисерот ги анализирал тие ликови. Постоела некоја Македонка, што продавала такви аранжмани и на сите им зборувала како боледува од рак и дека ќе умре. Таков ѝ бил методот да ги наговори. Тие агнети не бираат средства, сè е дозволено. Она што е најпарадоксално е што луѓето одат таму да искористат бесплатно летување, воопшто немаат намера да купуваат нешто таму. Но, статистиката вели дека 70 проценти од оние што ќе отидат на летување, купуваат некаков апартман со отплата на 100 години.
Останува ли Драгојевиќ на добро познатиот и препознатлив хумор, што публиката навикна да го слуша во неговите филмови?
-Приказната разработува два типа на луѓе – агенти кои се бескрупулозни и не бираат средства да ги наговорат клиентите, но секој од нив има некоја трагична приказна, и сето тоа е испреплетено. А од друга се клиентите, разни луѓе од разни краишта, во искушение, и се замислуваат како во следните 50 години тие и нивните деца потоа ќе имаат апартман на некое приморје... Има комични дијалози, ситуации, како што се духовити и сите луѓе на овие простори, тоа неодминлив хумор... Но, во исто време се прикажува и трагедијата на целата група луѓе – и агенти и клиенти – сите се жртви и сите сме жртви на едно за нас неприродно време. Либералниот капитализам е според мене, а и режисерот преку ова остварување, е робство, односно – робовладетелство. Сите сме робови на малку луѓе кои профитираат. Се надевам дека и скопската публика ќе се најде заинтригирана од приказната. Тежок е филмот. Да, луѓето се навикнати од Срѓан да засмејува и забавува, но ова е баш горчлив филм, останува тежок вкус кога ќе излезете од салата.
Како сте задоволни од сработеното и какви спомени ќе понесете од оваа соработка?
-Слушнав и негативни коментари за филмот, но мене секогаш ќе ми остане во убаво сеќавање. Уживав во снимањето, ќе ми биде во драг спомен сè во врска со филмот, па дури и за ова што се споив со Елена Лука. Тоа беше случајност во низата на убавите случки што се врзани за овој филм. Голема чест ми е и задоволство што имав можност да прошетам модел на овој бренд. Ме мазеа и пазеа како да сум Анџелина Џоли, а не сум (се смее). Пресреќна сум за целата ситуација.
Препознатливи сте по убавата, густа коса... Отсекогаш имавте впечатлив лик. На самиот почеток, кога влеговме во салонот на Елена Лука, рековте како никогаш не сте обврнувале големо внимание на модата...
-Кога бев девојче, бев излудена за тоа што ќе облечам, како... Постојано гледав модели, витки девојки, а јас секогаш бев буцка- тоа беа тешки маки, во пубертет и после... Тоа беше секогаш болно за мене – јас сакам нешто-тоа не ми стои или кога ќе го облечам си се гледам кој знае како...Тоа беше трауматичен период, кога јас не можев да го облечам тоа што ми се допаѓаше... А имам мајка која е царица на стилот. Тоа е една преубава жена која што купува работи на пример од пазар и нема кој не ја праша од каде и е, бидејќи знае да ги искомбинира нештата одлично, да биде вистинска икона на стилот.
Со оглед на професијата, честопати сте менувале облека и костими... Ви се допаѓаше ли тој начин на експериментирање со модата?
-Имав период кога сакав тесни фармерки, па имав и „даркерски“ стил... Сите одеа во шопинг во Трст, Солун, а јас се враќав со стрес, затоа што јас не знам што да одберам. Тоа што ми се допаѓа или го нема во мој број, или не ми прилега.. Обично ги трошев парите на детали, чантички, пенкала, тетратки... Кога почнав да се занимавам со театар и за време на студентските денови, се случи облеката за проба.. Сè што ти е удобно... И јас го открив рајот...(се смее). Нема поубаво кога после проба си испотен, извалкан, искинат и така се шеташ, а тоа ништо не значи. Најголемите глумци низ екс Југославија шетаат по тренерки... Тоа ништо не значи...Но, кога почна ова со филмов, сфатив дека не можам да бидам толку лежерна. Всушност, тоа е единствената работа од филмот што не ми се допаѓа – црвениот килим и кога сите извештачено позираат на „црвениот килим“. Тоа е американски бизнис. Тоа нема врска со нас. Кај нас Лабина го започна тоа, но гледам дека колегите и од Загреб, Белград сите се дизајнирани... И оваа соработка со Елена Лука дојде сосема случајно, низ смеа, разговарајќи во неврзан муабет со познаничка, се пошегував дека би било добро да се појавам во нивен модел... Веќе утредента ме исконтактираа од Елена Лука... Јас бев речиси засрамена, но овде се сите толку фини и на сè што видов, се восхитував и посакав да го носам, што почнува да ми биде навистина драго што се пошегував.
Сепак, Ви се случило ли да погледнете некое модно шоу, ревија? За чии парчиња можеби сте помислиле дека би сакале да ги имате?
-Гледам Project Runway со Хајди Клум и нели таму се натпреваруваат дизајнери. Никогаш не сум погодила кој ќе победи или испадне. Мене секогша ми се допаѓале тие што испаѓаат. Значи има нешто со мене и облеката што не е како што треба (се смее). А низ годиниве наназад, знаев да имам екстравагантно парче облека за кое сите ќе ме прашуваат, морав да имам убави чевли. Но, како минува времето, се повеќе ја сакам удобноста, иако многу добро знам да се снајдам и во другото. Џанфранко Фере го сакам, ја сакам Вивијан Вествуд. Елена Лука е убаво откритие. Таа има кариера голема, но од она што имав можност да го видам, очигледно е најголем бренд во Македонија, бидејќи јас не знаев дека нешто вака големо и убаво постои кај нас. Од помладата генрација, ја познавам и пријателка ми е, но и ми се допаѓа работата на Александра Митковска. Инаку, кога на некоја пријателка ќе видам нешто што ми се допаѓа, ми се случило често да ми го подарат. Калиопи ми има подарено многу облека, и нејзините панталони и блузички совршено ми прилегаат...Модата е исто така уметност на која и се восхитувам.
Сега сте дел од филмски проект, се занимававте со музика, театарот е Ваша љубов, практично целиот живот Ви е исполнет со уметност. Тешко ли е да се биде уметник и колку еден уметник може да го најде своето парче под небото?
-Да се биде уметник е благослов и проклетство. Би можела да набројам милион тешкотии што се појавуваат на патот на еден уметник и во младоста а и во зрелите години. Искушенијата се секогаш на пат. Но, убавите моменти се многу поголема импресија. Кога ќе се случи да одработите нешто убаво, кога тоа ќе го споделите со публиката и кога ќе почувствувате дека заедно дишете со публиката, тоа се за мене ѕвездени моменти... Затоа глумците и некогаш ги нарекуваат ѕвезди. Малку се, ама ѕвезди.
Многу ја сакам драмската и филмската уметност и музиката и сите други уметности. Се чувствувам предодредена за таа работа, за мене тешкотии нема додека се твори. Тешкотиите се појавуваат кога не се работи. Тогаш настапуваат кризи. Особено кај глумата. Добри сте колку што е добра вашата последна улога. Секогаш отпочеток се потврдувате. Колку и да сте постигнале, со секоја следна улога вие се враќате на почетокот на макотрпниот процес на создавање на еден лик.
Се сметам веќе за искусна и зрела глумица. Понекогаш ми е незгодно колку ми е лесно да ги исполнам очекувањата на режисерот. Изверзирана сум. Дотолку повеќе сакам кога некој ќе ме изненади и ќе ми постави задача која е нова и кога морам да закопам повеќе во методите на работа.
Во таа смисла, постои ли нешто што Ви е предизвик?
-Па во последно време филмот ми е голем предизвик. Најголем дел од кариерата се занимавав со театарот и пеење. Филмот ми се случува последните десет години и јас сум маѓепсана од него и работата на филм. После театар, филмот лесно го работите. Инаку, ми се допаѓа сè околу оваа уметност.
Помладата генерација Ве памети по Бушава Азбука, музичките хитови, па првата асоцијација за Ана Костовска им е - пејачка. Ви пречи ли кога Ве „делат“ на Ана-пејачката, Ана-актерката?
-Има еден парадокс на мојата кариера. На 23 години, кога веќе имав бенд „Бастион“, мојата младост ја одреди тојму тој бенд со Милчо Манчевски, Кирил Џајковски, Џоле и Кучкар...Овие двајцата направија светски кариери... Тоа беа моите почетоци, тогаш се случи и Бушавата азбука, кога јас завршував фалуктет за драмски уметности. Но, бев млада, бев почетник , сè уште непозната како актерка, така што за сите бев пејачката Ана Костовска. Потоа заминав од Македонија, одев низ цела Југославија, Европа, свет, со трупата – КПГТ (Казалиште, Позориште, Гледалишче, Театар), интернационална трупа, во која јас живеев и работев до 2001/2 година, кога се вратив во Македонија. И иако имам преку 300 драмски настапи досега, мали и големи улоги, сега сум вработена во Драмски театар, каде пак на пример за осум години имам две претстави... јас сепак сум за народот Ана-пејачката. Во очекување сум на филмот и на Стале Попов (До балчак) кој што е сниман уште пред три години, кој треба да излезе, каде што имам исто така една интересна улога и се надевам дека ќе ми отвори уште повеќе пат кон филмот. Да бидеме искрени, освен што е предизвик за мене од професионална гледна точка, тоа е и добар начин да се заработи.
Еве и најновото филмско остварување ја пропатува поранешна Југославија. Се навраќате ли некогаш на тоа време, Ве фаќа ли носталгија за изминатите времиња?
-Постојано сум носталгична. Имам пријатели на сите страни, но многу ретко одам во Загреб и Словенија. Но, ете отидов во Црна Гора... Нема дилема, сè е моја татковина. Јас се чувстувам слободно каде и да се најдам. Порано и Европа ми беше дома, и Мексико и Америка ми беа дома, таков човек сум... Го љубам светот. Да, чувствувам голема носталгија кон тие времиња. Велат, младоста е секогаш убава, и вистина е. Млад човек лесно се радува. Но, сите факти, сè околу мене ми вриска и удира од сите страни колку убава земја имавме. Филмот зборува за тоа како било и како е. Почнува со инсерт од летувалишта од 1970-тите и 1980-тите на Јадран. Секоја втора фирма имаше летувалиште и се летуваше бесплатно, на море се одеше по две недели. Сега, цела година плаќаме ако отидеме 10 дена на одмор. Ние сме робови, осакатени, понижени, разединети на ситни парчиња. Се надевам другите генерации ќе бидат попаметни од нас...
Го гледам натписот на Вашата маица, пишува from zero to hero. Сте се почувствувале ли некогаш така?
-Како да не, секој ден, секој втор... (се смее) Повеќе сум „zero “ отколку „hero“, но ете премиерата на овој филм е еден од моментите каде што можам да се почувствувам дека сум Hero.
Во текот на овој разговор во повеќе наврати успеав да Ви измамам насмевка на лицето. Што може од срце да Ве насмее, да Ви ја стопли душата?
-Па добро, љубовта секако, драги луѓе... Меѓутоа морам да признам дека тешко се засмејувам во последниве години. Особено тешко ме засмејува овој хумор на телевизија. Многу ми се допаѓа оскаровското остварување со Метју Мекхонахи, Dallas Buyers Club и кога го гледав навистина се насмеав од срце.
На што Ве научи животот? Која Ви е најголемата животна лекција што би сакале да ја споделите ете токму со помладите генерации?
-Не би се осмелила јас било кому да давам рецепти или паметни мисли. Секој живот си има приказна, моите искуства се мои. Јас сум по природа слободна... За мене слободата значи сè – слобода на избор, говор... Јас се борам во одбрана на мојот животен стил. Грешки-колку сакаш, промашувања- колку сакаш, глупости -исто... Но, има и неколку ѕвездени моменти, заради кои ете, тоа е мој живот и едноставно немам избор освен да си го сакам. Немам совети за млади... Верувам во хуманост, еднаквост на луѓето, дека се исти пред Бога, се трудам да се ослободам од сите предрасуди, да не осудувам, да не озборувам, измислувам, лажам, да помогнам доколку можам... Така го воспитувам син ми, така и мене ме воспитувале. Сигурно сум повредила некого во животот, но никогаш намерно. Кога ќе згрешам или знам дека ќе згрешам се извинувам... Можеби и пречесто...
Го носите уметникот во себе, а со тоа и бунтовникот против нештата што се случуваат, а не Ви се допаѓаат. Но истовремено имате една сталоженост, мир во гласот... Значи ли тоа дека со годините успеавте да најдете баланс...?
-Ми значи ако така сте ме доживеале. Се трудам да бидам рационална во зборувањето, да го следам текот на мислата. Се занимавам со таква работа, да би било и срамота да не знам да раскажам приказна, или ете каков ми животот... Меѓутоа, погледнете денес како изгледаат интервјуата – јас направив ова, погледни ме мене.. јас ова... јас она...самопромоции, само-фалење...Погледнете на што личи тоа... Тоа е дрскост, агресивност... Јас сум за мирољубива коегзистенција...
Кога се зборува со човек полн со искуства и што го почувствувал животот од сите аспекти, време за разговор никогаш доволно... Ние го привршивме нашиот... Ана во црна долга тоалета на Елена Лука, со коса крената и романтични кадрици, високи потпетици, воспостави нова врска со модата, подготвена да доживее уште еден ѕвезден момент, да биде како што вели, hero... Во пресрет на нови приказни, предизвици, нови сини утра, јужни ветрови и ѕвезди сребрени, таа и понатаму слободна, за народот и уметноста ќе вели како во стиховите: земи сѐ што имам, ајде, земи ми...