Анестејжа кралица, музичарите врв!

16 мај 2018

Веројатно досега погледнавте дел од атмосферата на концертот на музичката дива Анестејжа која вчеравечер одржа концерт за паметење во ВИП Арената Борис Трајковски.

Веројатно прочитавте и дека салата не беше целосно полна, бидејќи се чини тоа беше најважно. Она што беше вистински важно е што таа блесна на сцената со сета позитивна енергија што ја поседува, звучеше фантастично во живо, а нејзиниот бенд направи журка која сè уште не можеме да ја заборавиме.

„Еве ја кралицата“, беа коментарите од нејзините најверни обожаватели кога се појави на сцената облечена во секси комбинација и полна енергија.

Таа испеа голем дел од нејзините најголеми хитови, но нè потсети дека и денеска прави супер песни кои ги смести на последниот албум „Evolution“ како што впрочем и ја нарече оваа турнеја.

Сосема очекувано, нејзиниот бенд беше составен од мулти талентирани музичари кои совршено ја следеа, а пратечките вокали и воедно танчерки, беа и повеќе од фантастични.

Во еден момент, тапанарот имаше соло момент во кој вклопи и елементи од македонска музика на кои публиката особено се израдува, а пејачката нè почасти со супер секси движења.

Ги пофали и македонските колачиња „падобранци“ за кои се заблагодари на нејзините обожаватели кои ѝ испратиле неколку во соблекувалната пред почетокот на концертот.

Вистински емотивен беше моментот кога таа се потсети на борбата која ја водеше со ракот пред неколку години од која успешно излезе како победник и ги охрабри сите жени никогаш да не се откажуваат.

На крај на вечерта, не беше важно дали салата беше полупразна, важно беше дека тие што присуствуваа дома си заминаа полни позитивна енергија, распеани и среќни, а Анестејжа нѝ покажа зошто е една од најпочитуваните музички диви во индустријата со неверојатен глас кој остава без зборови.

Објавено:
16 мај 2018
Категорија: 
Култура
Прочитано:
1.823 пати