Архитектот Алан Чарлс Перот во специјална креација на Ланван

13 јуни 2014

Кога Алан Чарлс Перот беше примен во француската Академија на уметности оваа недела, на свечениот прием се појави со многу стил носејќи креација на Ланван. Модната куќа специјално за академикот создаде униформа која беше спој на панталони, кошула и палто со апликација од маслинови гранки извезени со златна срма. Само за изработка на везовите биле потребни повеќе од 600 часа работа.

Перот е архитект и раководител на одделот на француски историски споменици, а во неговиот опус на работа влегува и реставрацијата на Замокот во Версај и операта Гарниер. Во моментов тој работи на реновирањето на хотелите Лутетија и Риц.

Со тоа Ланван ја продолжува 113-годишната традиција на дизајнирање облека за „Бесмртните“, од елитната институција. Во 1901 година, Жан Ланван дизајнирала облека за нејзиниот прв академски клиент, познатиот писател и драматург, Едмонд Ростанд, авторот на „Сирано де Бержерак“. Потоа следуваа и други како Пол Валери, Жан Кокто и Салвадор Дали.

Објавено:
13 јуни 2014
Категорија: 
Култура