Модната куќа Булгари ќе инвестира 1.5 милиони долари во реставрирање на познатите „Шпански скали“ во Рим, а целиот проект ќе започне во 2015 – тата година.
Како што посочуваат одговорните лица од самиот бренд, целиот проект претставува „специјален подарок од Булгари за нивниот град“, со што тие и ќе ја прослават и нивната 130 – годишнина.
„Шпанските скали“ во Рим се дефинитивно едно од најпознатите обележја на градот, направени уште во 18 – тиот век.
„Шпанските скали“ ги дизајнирал Франческо де Санктис во 1723 година со намера да ги поврзе Via del Babuino со Via Felice. Скалите водат до малата црква Trinita dei Monti изградена во 16 – тиот век, откаде може да уживате во прекрасниот поглед на градот поради кој навистина вреди да се искачите на врвот на скалите.
„Шпанските скали“ името го добиле по Шпанската амбасада, иако според многумина, оваа област сѐ повеќе почнува да личи на „англиско гето“, како што и го викаат локалните жители. Туристите, вклучувајќи ги и големите писатели од 18. и 19 – тиот век помогнаа оваа област да стане космополитски и уметнички кварт. На дното на скалите се наоѓа фонтаната Baracaccia, дизајнирана од Бернини во 1627 – та година. На десната страна се наоѓа Спомен куќата на поетите Keats – Shelley во која во 1821 година почина 25 – годишниот Џон Китс. Таму можат да се најдат слики, приватни писма и урна со остатоците на Shelley како и примерок од црвената коса на Keats.
Реставрацијата на „Шпанските скали“ е само уште еден во низата проекти на модниот свет да го зачува историското наследство во своите градови – Tod’s помогна во реставрацијата на Колосеумот, додека Фенди помогна во реновирањето на фонтаната Треви.