Некогаш, кога ние бевме деца, поголем дел од детските соби наликуваа една на друга. Ѕидовите излепени со постери од омилените идоли, кревет и биро без многу можности да се бира нивниот дизајн и евентуално, имаше и телевизор. Во денешно време, ситуацијата е драстично променета, технологијата далеку напредната, а индустријата за ентериерно уредувања со брзи чекори се трансформира кон се посовршена изведба.
Изборот е речиси неограничен, а фантазијата ги диктира трендовите.
Новата генерација детски соби се можеби и најатрактивниот дел од уредувањето на ентериерот, со оглед на тоа што дозволуваат голема слобода во креативниот израз, а притоа се внимава и на мултифункционалноста и на сите детали што треба да бидат реализирани за базичните потреби на детето.
Актуелните тенденции велат: овозможете му на детето да ја развива фантазијата и своите когнитивни способности, во простор во кој ќе може и самото да креира и својата соба да ја чувствува како сигурно место, како негов свет.
Па современиот дизајн на детски соби често вклучува интерактивни елементи, како на пример популарните фолии што симулираат училишна табла за детето да може постојано и одново на нив да црта, да учи да пишува, да шкрта кога му е досадно...
Уште еден предизвик е кога мал простор во домот треба да се адаптира во детска соба. Ова не значи ограничување, туку напротив, дополнителен мотив да се искористи максимумот од просторот. И тогаш се случуваат чуда...
Погледнете какви се тенденции се актуелни во дизајнот на детските соби последниве неколку години.
Фото: Пинтерест