На крај на својот втор мандат како претседател на САД, Барак Обама и неговото семејство ќе се преселат од Белата куќа во нов дом, за кој претходно пишувавме.
Но, според нив ова беше совршен момент да ја задоволат љубопитноста на многумина и да откријат како изгледаше нивниот дом на вториот кат од Белата куќа, па токму тоа е и насловната приказна на декемвриското издание на „Architectural Digest“.
За уредувањето на просторот се погрижил дизајнерот Мајкл Смит. Тој прво бил ангажиран за канцеларијата на Обама во 2008 година, по што станал официјален декоратор на куќата.
-Тие беа мошне фокусирани и ги искажаа своите преференци многу јасно. Сакаа елегантни и едноставни нешта. Госпоѓа Обама секогаш се залагаше да се носат нови уметници, нови гласови, па затоа одбиравме уметници и дизајнери што никогаш претходно не се појавиле во Белата куќа. Тие се неверојатно шармантни, грациозни, внимателни, топли, што се одрази и во дизајнирањето на нивниот дом – открива Смит.
За помалку од два месеца, семејството Обама ќе мора да се отсели од Белата куќа, а Смит ги открива кои биле приоритетите кога се вселувале.
-Прв приоритет за Првата дама беше да се средат собите на Малија и Саша, како и на нејзината мајка. Најважно од сè беше да се обезбеди комфор и среќа за целото семејство – вели Мајкл.
За да го разбере местото и контекстот каде што требало да интервенира, дизајнерот морал комплетно да се посвети.
-Ги прочитав сите писма и белешки од Ејбигал Адамс, преку Жаклин Кенеди, Каки Хокерсмит, сите што некогаш придонеле за историјата на ова здание.
Во 2015 година, Обама направи јавна обиколка на старата фамилијарна трпезарија, што се случи првпат во историјата на Белата куќа. За сите што се прашуваа како и каде живее ова семејство што ќе остави трага во американската историја, ви ги презентираме и останатите фотографии: