Атиџе го шармира Холивуд – странските медиуми ja опишуваат како ѕвезда

7 февруари 2020

Атиџе пристигна во Холивуд, а странските медиуми веќе наголемо пишуваат за нејзиното доаѓање.
„Атиџе го шармира Холивуд" се вели во насловот на текстот што го објави Франс Прес посветен на нашата хероина и на екипата што му овозможи на светот да ја запознае.

„На Оскарите во недела, посветете внимание на Атиџе Муратова. Не можете да ја промашите. Таа ќе биде единствената македоснко-турска гостинка меѓу публиката во театарот „Долби" во Холивуд", пишува во текстот.

Понатаму се наведува дека Атиџе е вистинска ѕвезда, луѓето ја сакаат и дури и холивудските ѕвезди постојано ја застануваат за да се сликаат со неа.

„Сара Џесика Паркер беше многу возбудена што се сретна со неа откако го гледаше филмот", вели за Франс Прес продуцентот Атанас Георгиев за холивудската актерка која беше меѓу првите светски ѕвезди што јавно го изрази своето воодушевување од филмот.

Иако Атиџе немала можност да го гледа „Sex and the City", сепак великодушно ѝ ја предвидела иднината на познатата актерка гледајќи и на кафе.

„Медена земја" по многу нешта е единствен и уникатен филм, а меѓу другото единствен во историјата на Оскарите што до сега бил номиниран во двете категории: за најдобар документарен и најдобар странски филм.

Критичарот А.О. Скот го нарече „Медена земја", „ништо помалку од вистински еп, еколошка алегорија во вистинскиот живот и црна комедија за стариот проблем со себичните соседи".

92-то издание на Оскарите закажано за в недела, 9. февруари, ќе биде досега највозбудливото за нас. Екипата на „Медена земја" на патот до најпрестижните филмски награди, успеа да ги собере сите најзначајни признанија во сферата на документарниот жанр, па сосема се реални очекувањата и за Оскар/и. 

Екипо среќно!

 Фото: FB Fan page: Honeyland

Објавено:
7 февруари 2020
Категорија: 
Култура
Прочитано:
68.073 пати