Бевме на отворањето на „МакеДокс“: Под мотото „Лупење идеи“ започна 13-то издание

19 август 2022

Вчеравечер во Куршумли-ан беше отворено 13-то издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс", што годинава се одржува под мотото „Лупење идеи".

Фестивалската програма започна со прикажување на документарниот филм „Сѐ што дише" (All That Breathes) на режисерот Шаунак Сен (Shaunak Sen), филм кој е индиско-британска копродукција, а пред него беше прикажан белгискиот краток документарен филм „Иднината е водена палата" (Tomorrow Is A Water Palace) на режисерката Хуанита Онзага (Juanita Onzaga).

Ова беше увертира во филмската програма на 13. „МакеДокс" со 71 документарни остварувања во пет натпреварувачки категории – Главна програма, Нови автори, Кратки документарни филмови и Студентска програма, додека сите филмови се дел од компетицијата за наградата Етички идеи. На фестивалот ќе се доделат пет награди, а во комисиите за награди членуваат 15 интернационални професионалци од документарниот свет. Надвор од компетиција, но како значајни фестивалски програми се Земја во фокус – годинава тоа е Чешка, како и Програмата за деца и младинци.

Годинава, публиката ќе има можност да ги следи проекциите на четири локации и тоа во Куршумли-ан, плато на Музеј на Македонија пред Куршумли-ан, МКЦ и „Europe House Скопје".

Деталната програма на фестивалот може да ја погледнете на овој линк.

13-то издание на „МакеДокс" се затвора на 25. август.

Во продолжение погледнете дел од атмосферата на отворањето.

 

Објавено:
19 август 2022
Категорија: 
Култура
Прочитано:
238 пати