Во пресрет на конференцијата во седиштето на Обединетите нации

Цако ќе ја раскаже својата приказна во Њујорк

17 март 2016

Оние што нè следат редовно, веројатно се сеќаваат на приказната за Цако и Флоренс, лица со Даунов синдром што ништо не ги спречува да го живеат животот од соништата. Александар Матовски-Цако е во пресрет на нов предизвик и успех, конференција во Њујорк, седиштето на Обединетите нации, на тема инклузија.

Конференцијата се одржува по повод 21-ви март, Светски  ден посветен на лицата со Даунов синдром, прогласен со резолуција на Обединетите нации,  од декември 2011 година. Од 21 март 2012 година  наваму, во седиштето на Обединетите  нации, секоја година, на различна тема, се одржува интернационална конференција посветена токму на овој ден.

Цако, како претставник од Македонија, ќе има свој говор како само- застапник. Александар ќе даде акцент на неговата лична приказна. Преку примери за неговата редовна вклученост во образовниот систем,  социјалната интеграција, поддршката од институциите и околината, тој ќе се обиде да покаже и истакне дека  токму овие елементи се најважни во развојот на децата, младите луѓе и можноста во иднина да бидат независни и самостојни возрасни.  Александар на оваа конференција ќе оди во придружба на својата сестра Марија Матовска. 

 Цако и Марија пред поаѓањето за Њујорк (извор: Фејсбук)

 Инаку, Александар Матовски е роден на 3 февруари 1991  во Скопје, Македонија, како второ дете во семејството Матовски. На 3 месеци му е дијагностициран Даунов синдром.  За родителите на Цако ова сознание предизвикува шок, но сепак, тие одлучуваат дека  ќе се борат за нивното дете. Оттогаш наваму тие тоа и го прават со голема поддршка од своите други две деца, поголемата ќерка Марија и помалиот син Бојан, како и своите блиски роднини и пријатели.

Од многу рана возраст Цако  работи со логопед, психолог, како и воспитувачките во редовната градинка во која бил вклучен од двеипол годишна возраста. Во 1998 година тој започнува да оди во редовно основно училиште, токму во годината во која процесот на образовна инклузија беше инициран во Македонија.  Цако во 2006 година го продолжува своето образование во едно од редовните средни училишта во Скопје. Средното  училиште го завршува во 2010 година, и  истата година се запишува на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје, со што  станува првиот  студент со Даунов синдром во Македонија. Денес, Цако ги завршува студиите и  е еден од најистакнатите борци за човекови права и правата на лицата со Даунов синдром.

Тој е член на Извршниот одбор на Центарот за младински активизам „Крик“, кој работи со лица со попреченост и се фокусира на интеграција во општеството. Исто така е активен член на Трисомија 21 – Скопје и Центар за Даунов синдром Македонија. Цако е практикант во НВО „Моја кариера“ во периодот декември 2015 - февруари 2016 година, каде што работи на мапирање на сите лица со попреченост во Македонија. Учествува во голем број на проекти посветени на лицата со посебни потреби на локално ниво: „Activate talks“, во организација на УНИЦЕФ и Младинскиот образовен форум, „Инклузивен танцов фестивал“, во организација на Tрисомија 21 и Dancers Unted MK, „Бал на различности“ и многу други.

На меѓународно ниво, тој е дел од Европскиот волонтерски сервис (ЕВС) во „Олде Вехте Фондацијата“ во Омен, Холандија во периодот јули – август 2013 година. Во септември 2013 година Цако е претставник на УНИЦЕФ на работната средба за развој на пост – 2015 агенда за лица со инвалидитет,  во Истанбул, Турција. Во март 2014 година, по повод Меѓународниот ден на лицата со Даун синдром, Цако ја претстави својата работа во Бања Лука, Босна и Херцеговина. Во ноември 2015 година, Цако е дел од младинска  размена  посветена на вклучување на лицата со попреченост „You will never walk alone“ што се одржа во Мерсин, Турција.

Во моментов, еден од најважните лични проекти на Цако е „Јас сум Цако“, авторска  радио емисија, која се емитува секоја претпоследна среда во месецот на интернет радиото  „Радио МОФ“. Во неговата емисија Цако става акцент на различни аспекти на животот на лицата со Даунов синдром и на лицата со попреченост во целина. Интересите на Цако вклучуваат:  пишување поезија (тој има објавено две збирки поезија), танц (во Dancers United MK), фотографирање и карате (тој има кафен појас). Добитник е на многу признанија, сертификати и награди за својата работа. 

Објавено:
17 март 2016
Категорија: 
Култура
Прочитано:
1.241 пати