Да можам бар да се разбудам...

16 октомври 2020

Тринаесет години од утрото кое сите посакуваме да не се случеше. Песната „Игри без граници“ секогаш предизвикува морници, а ни денес не е ништо поразлично...

...Да можевме да се разбудиме и да не се сеќаваме на студој есенски тој 16 октомври, единствениот ден кога гледавме луѓе по улица како плачат и не се трудевме да дознаеме зошто.

Да можевме да се разбудиме и уште еднаш да те слушнеме како ни пееш, како се смееш. 

Да можевме да се разбудиме и да те прегрнеме.

Да слушнеш како ти се радуваме и заблагодаруваме.

Да можеше ТИ да се разбудиш во тој свет на љубовта за кој пееше.

Да можеше да се разбудиш и да заблескаш како што секогаш умееше. 

Да можеше да се разбудиш ќе можеше уште да не' сакаш дури и кога ние не знае(в)ме да се сакаме, бидејќи ти знаеше колку ни е потребно, повеќе одошто самите бевме свесни.

Да можеше да се разбудиш немаше да ти се допаѓа светот во кој живееме, но уште ќе се трудеше да го направиш подобро место.

Да можеше да се разбудиш ќе пишувавме некои други текстови денес.

Многу нешта ќе можеше, само да можеше да се разбудиш...

И денес си сеприсутен, твојот глас е како игра без граници. Секаде одѕвонува.

Уште не' сплотуваш. 

Ние многу работи не успеваме се' уште под ова наше мало небо, но да го зачуваме споменот на тебе да!

Со надеж дека доволно сме достојни и искрени...

И денеска се разбудивме, со стари навики во себе и со сончево сеќавање на тебе.

„Сакам на сите околу мене да им влијаам позитивно, тоа е мојата мисија. Цел свет е убав кога си насмеан. Кога си нерасположен, те нервира и сончев ден".

Денес не е сончево, но ние ќе се насмееме, сеќавајќи се на твојата, додека музиката твоја ечи. 

 

Објавено:
16 октомври 2020
Категорија: 
Култура
Прочитано:
598 пати
Тагови: 
Тоше Проески