Издавачката куќа Рицоли ја објави новата книга „Journey of a dress“, (Патувањето на фустанот), напишана од страна на една од највлијателните модни дизајнерки во светот Дијан вон Фурстенберг. Креаторката посочува дека ова е литературно дело кое секоја вљубеничка во модата мора да го има во својата колекција.
Имено, оваа година Дијан вон Фурстенберг слави 40 – години модно творештво. Со издавањето на книгата, таа сака да и даде важност на датумот кој заокружува мошне плодоносна , продуктивна и креативна ера во нејзиниот живот, што секако ќе продолжи и во наредните години. Книгата наместо предговор има кратка реченица: „DVF – концизната кратенка со иницијалите е доволен индикатор, нема потреби од вовед“. Ова е идеја на модниот новинар Холи Брубах, кој соработува со неколку светски списанија како Vogue, The New Yorker, The New York Times Magazine.
Насловот на новото издание како што веќе напоменавме е „Journey of a dress“, (Патувањето на фустанот) и според мислењето на многумина комплетно соодветствува со она што е моден печат на дизајнерката, а тоа е фустанот на преклоп. Во 1972 година, младата Дијан пристигнува во Њујорк со куфер полн фустани. Во нивното конструирање и порабување ќе и помогне пријателот Анџело Ферети, кој има фабрика за шиење во Италија. Две години подоцна со поддршка на главната и одговорна уредничка на Vogue, Диана Вриланд, фустаните на Фурстенберг го освојуваат модниот свет и ја започнуваат ерата на своето владеење.
Ова книжевно издание според критичарите е најсодржинско до сега, бидејќи покрај илустрациите и фотографиите посветени на долгите години кариера, на страниците ќе ја прочитате целата приказна не само за животниот пат на дизајнерката, туку и детали за тоа како се создава едно модно ремек дело. Во ова издание селектирани се фотографиите на светски познати фотографи како Ани Лејбовиц, Хелмут Њутн, Франческо Сакавуло, Енди Вирхол и Франческо Клементе.
Во книгата на дизајнерката посебна чест со кратки текстови и оддадоа дел од нејзините пријатели и соработници, меѓу кои Џери Хол, Пенелопе Круз, Мишел Обама и други.
Да ве потсетиме дека на почетокот на месец ноември, на каналот E започнува шоу-то на дизајнерката кое обожавателите возбудено го очекуваат за да уживаат во интересните модни случувања, згоди и незгоди кои ги има во светот на модата.