Таксират го подготвува своето 19-то издание кое кон крајот на годинава ќе се одвива со бројни и различни музички настани во Скопје, а во чии рамки повторно се собираме за да го создадеме ЛУЗЕР ФЕСТ - најдругарскиот и најпозитивниот настан посветен исклучиво на промоција на новите, а сѐ уште неафирмирани музичари и музички групи од Македонија!
„По возобнувањето на овој драг дел од Фестивалот кој ги пречека и испрати напред бендовите Лоши Деца, Синиак, Верка, Боргот, ФИСТ, Ска Рингишпил, Новиот Почеток, Хардфејсд, Сторм, Конкјуринг Лајон и уште многу други демо бендови кои се испробаа на Таксиратската Винерско-Лузерска бина низ годините, традицијата продолжува и во 19-ката на ТАКСИРАТ, со сите ентузијасти кои творат авторска музика и истата сакаат да ја промовираат пред македонската публика“, велат од Пасворд продукција.
Победникот на „Лузер Фест" и оваа година ќе биде награден со снимање на својот прв студиски албум и негово објавување под капата на „Пасворд Продакшн", а покрај главната награда, ТАКСИРАТ и годинава ќе ги вложи сите свои расположливи сили за поттик и промоција на најдобрите од новото издание на „Лузер Фест" во рамки на музичките фестивали кај нас, во регионот и низ Европа.
Жирито е веќе на кондициони подготовки, се спремаат гласачките ливчиња за публиката, а конкурсот за пријавување е отворен!
Одиме едноставно како и минатата година:
Ги повикуваме сите македонски млади и неоткриени бендови до 23-ти октомври 2017 да испратат 3 свои песни на конкурсот. За да се пријават на конкурсот, музичките групи или солисти треба во електронски формат да достават:
* три досега необјавени авторски песни (во кој било аудио формат),
* контакти,
* фотографија и
* кратка биографија на бендот и членовите.
Пријавите, најдоцна до 23-ти октомври 2017, треба да бидат испратени на и-мејл адресите: info@password.mk и lina@password.mk .