Неколку дена пред главната фестивалска вечер на Таксират, на 26-ти ноември во МКЦ се собираме и го создаваме најдругарскиот и најпозитивниот Лузер Фест!
По возобнувањето на овој драг дел од Таксират кој низ годините ги пречека и испрати напред бендовите Лоши Деца, Синиак, Верка, Боргот, ФИСТ, Ска Рингишпил, Новиот Почеток, Хардфејсд, Сторм, Конкјуринг Лајон и уште многу други демо бендови кои се испробаа на Таксиратската Винерско-Лузерска бина низ годините, традицијата на Лузер Фест продолжува и на 18-иот Таксират.
„И оваа година победникот на „Лузер Фест" ќе биде награден со снимање на албум во студиото „Марифет" (мarryPHAT) на Ивица Јанкуловски – Штраф и објавување на албумот под капата на „Пасворд Продакшн", а покрај главната награда, Таксират и годинава ќе ги вложи сите свои расположливи сили за поттик и промоција на најдобрите од новото издание на „Лузер Фест". Жирито е веќе на кондициони подготовки, се спремаат гласачките ливчиња за публиката, а конкурсот за пријавување е отворен!", велат од Пасворд.
Ги повикуваме сите македонски млади и неоткриени бендови до 20 октомври 2016 да испратат 3 свои песни на конкурсот. За да се пријават на конкурсот, музичките групи или солисти треба во електронски формат да достават:
* три досега необјавени авторски песни (во кој било аудио формат),
* контакти
* фотографија и
* кратка биографија на бендот и членовите.
Пријавите, најдоцна до 20 октомври 2016, треба да бидат испратени на и-мејл адресите: info@password.mk & shurbe@password.mk .
ВАЖНО:
* „Пасворд" ги задржува правата да објави компилација од сите групи кои ќе настапат за време на „Лузер Фест";
* Пријавените бендови треба да достават свои досега необјавени и неиздадени снимки, а во спротивно ќе бидат дисквалификувани;
* „Пасворд" има право да ги објавува пријавените песни од страна на изведувачите на своите социјални и асоцијални мрежи
* Сите бендови кои ќе се пријават ќе бидат објавени, а селекцијата ќе се одреди по истекување на рокот за пријавување.
И годинава Таксират околу одржувањето на Лузер Фест ќе најави и уште неколку настани кои ќе ја направат Таксиратската недела доволно добра да може да се поднесе остатокот од времето до изборната година.
Во меѓувреме, ВЕ ЧЕКАМЕ СО СНИМКИ! РАЗБУДЕТЕ СЕ!