Со претставата „Ѕвонарот на Богородичната црква во Париз“ од Виктор Иго на Драмскиот театар од Софија, вчеравечер беше отворено второто издание на МНТ – фест.
На отворањето на фестивалот на публиката и се обрати директорот на МНТ, Дејан Лилиќ посакувајќи им добредојде на сите вљубеници во театарот со импресивната претстава на бугарската режисерка Лилија Абаџиева.
Како што впрочем и беше најавено, на сцената на МНТ вчеравечер се случи вистински спектакл! За сите оние што досега немаа можност да погледнат претстава на Абаџиева, вчера можеа да се уверат во нејзината генијалност и неизмерен талент.
Буквално сите актери што Абаџиева ги одбрала да бидат дел од исклучителната приказна за Квазимодо, го оставија и последниот атом од своето тело на сцената.
Фантастичниот Калин Врачански на неверојатен начин ја долови улогата на Квазимодо – ѕвонарот од Богородичната црква кој е искрено вљубен во прекрасната циганка Есмералда.
Подеднакво брилијантни беа и актерот Пламен Манасиев кој докажа дека е актер од светски размери со улогата на архиѓаконот Клод Фроло кој го гледа Квазимодо како свој син и му дава сѐ што може да се даде, но истовремено докажува дека тој е само еден обичен човек лудо вљубен во Есмералда.
Низ целата претстава како нишка се провлекува тенката линија меѓу доброто и злото, меѓу убавото и грдото... По кој знае кој пат чувствата надвладуваат врз разумот, што доведува до бројни конфликти, сведоци сме и на копнежот како едно силно чувство, присутно речиси кај сите ликови во претставата, но сведоци сме и на она најубавото кај човекот – добрината и невината искреност која секогаш ја враќа вербата во човештвото.
Како што и самата режисерка посочи на разговорот во Македонскиот народен театар пред претставата, за неа денеска убавината е претворена во култ, младите се поистоветуваат со убавината на моделите, а наспроти сето тоа, доаѓа една ваква приказна за Квазимодо и Есмералда.
Низ сите ликови, во текот на целата претстава Абаџиева не заборава да нѐ потсети на суштинските работи во животот низ кои секој треба да помине – вербата во доброто која на крајот победува, страста што секој треба да ја доживее, силниот копнеж по некого, страдањето, болката, но и добрината и милосрдието како клучни особини што треба секогаш да не водат.
Во ниту еден момент не смееме, а да не ги споменеме неверојатно лесните движења што во текот на целата претстава ги правеа актерите по одличната сценографија со која беше претставена катедралата околу која и се случува дејствието.
Леснотијата со која тие се движеа низ сцената на МНТ и со која ја освоија публиката, беше само уште еден показател заедно со нивниот талент, дека Македонците со нетрпение ќе ги очекуваат да се вратат со нова претстава.
Музиката, која беше избор на самата режисерка, совршено се вклопи во секоја сцена одлично претставена од талентираните актери.
Сосема на крајот, како што и се очекуваше по таква претстава, публиката ги поздрави сите актери од претставата заедно со режисерката со громогласен аплауз!
Судејќи според оваа голема претстава што го одбележа отворањето на МНТ – фест, пред нас се денови во кои ќе уживаме во магијата на театарот, а веќе на втори јуни, Националниот театар од Будимпешта ќе не почести со Шекспировата „Сон на летната ноќ“.