Македонската актерка Дарја Ризова - најдобра меѓународна актерка во Р Турција

27 мај 2022

Со затворањето на театарската сезона 2021-2022 година, жирито на Јени Тијатро Дергиси (Yeni Tiyatro Dergisi), во селекција на повеќе од 200 театарски претстави, го објави првиот дел од Меѓународните награди за достигнувања на најдобри актери, продукции и претстави во Истанбул.

Жирито, кое внимателно ги следи сите светски театарски трендови и вклучува значајни имиња и ветерани со големо мајсторство во својата област, едногласно ја додели наградата на нашата актерка Дарја Ризова за најдобра актерка на меѓународно ниво за улогата на Маша во претставата „Нема да биде крај на светот", копродукција на Македонскиот народен театар, Перипетија продукција и Сараевскиот ратни театар – САРТР.

Ова за актерката е втора награда за најдобра актерка за истоимената улога/претстава, а на 13 јуни во културниот центар „Кадебостан" во Кадикој - Р Турција, и официјално ќе биде доделена статуетката на овој реномиран, светски театарски настан. Воедно ги најавуваме и изведбите на претставата „Нема да биде крај на светот" кои се закажани за 30 и 31 мај на малата сцена во МНТ, со почеток во 20:00 часот.

Објавено:
27 мај 2022
Категорија: 
Култура
Прочитано:
550 пати