„Електра“ ја отвори сезоната во МНТ: Драматично патување низ лавиринтите на човековата душа

6 септември 2014

Театарската уметност повторно ќе ги собира нашите воздишки. Со премиерата на претставата „Електра“ во режија на украинскиот режисер Андриј Жолдак вчеравечер во Македонскиот Народен Театар и официјално започна новата работна сезона за сите театарски уметници.

Ова е приказна за античката митолошка историја, за заклетвата и злосторството на едно кралство семејство, но и за тоа како Господ ги казнува децата на нашите деца. Една поинаква естетика која ги доловува и во целост прикажува и најскриените импулси во човекот, неговата темна страна и неговите внатрешни пориви.

„Сите ние сме одговорни за делата на нашите родители, баба и дедо, прабаба и прадедо (без оглед дали тоа ни се допаѓа или не), како и за нашите сопствени дела. Она што го правиме денес ќе има влијание врз нашите деца, но и врз децата на нашите деца“, вели режисерот.

Претставата истражува колку длабоко е скриена суровоста во човекот, т.е во неговата потсвест (која постои или е заспана) и во еден момент од минатото таа наеднаш излегува од него и станува сила која го контролира. Се поставува прашањето: „Колку длабоко се крие суровоста на човекот – еден или повеќе километри? И зошто се луѓето погруби и понасилни од животните и растенијата во одредени ситуации?“. Порано или подоцна се открива и се казнува секое помало или поголемо злосторство.

Денес во 21-от век, прашањето : „Какво е човечкото суштество во екстремни ситуации?“ сè уште останува неодговорено како и пред илјада години. Фјодор Михајлович Достоевски во една прилика рекол дека „човечката душа е во темнина“, а Георг Бухнер пак: „Ако погледнете во човечката душа, тоа е исто како да гледате во бездна, во главата ви се врти од она што го гледате“. Следејќи овие постулати целата претстава се базира врз основа на еден драматичен и насилен перформанс, како и едно патување низ лавиринтите на човековата душа.

Жолдак, важи за едно од најголемите режисерски имиња на денешницата во Европа. Тој е добитник на наградата „Уметник на УНЕСКО“ во 2004 година, а годинава се закити со највисокото признание  од областа на театарот во Русија „Златна Маска“ за режија.

Улогата на Електра и беше доделена на младата и неверојатна актерка Дарја Ризова, а во претставата играат и Александар Ѓорѓиески, Звездана Ангеловска, Александар Михајловски, Славиша Кајевски, Борче Начев и други. Костимографијата му беше доверена на Лукас Нол, а за музиката се погрижи Сергеј Патрамански.

Fashionel секако го проследи и црвениот килим пред почетокот на претставата, па во фокусот на фотообјективот издвоивме неколку впечатливи комбинации.

Г-ѓата Билјана Беличанец-Алексиќ секогаш внимава на изборот на соодветен стајлинг за нејзините јавни појавувања и прави успешен биланс помеѓу нејзиниот индивидуален стил и пригодата. Овој пат ја гледаме во елегантна дводелна комбинација потпишана од модната куќа Елена Лука, а која е впечатлив спој на бела транспарентна кошула со волуменозна јака збогатена со тантела и цветни мотиви и црни панталони странично украсени со дискретна лента.

Во продолжение ви го пренeсуваме амбиентот од црвениот килим и неколку секвенци од сцената.

 

 

Објавено:
6 септември 2014
Категорија: 
Култура