Потсетикони – мали керамички фигури за среќа, љубов и куп убави емоции

20 април 2020

Кога имате порив да создавате нешто, ќе најдете начин како да го реализирате тоа, колку и во прв момент да изгледа неверојатно, или можеби без некоја особена амбиција. Тие срамежливи чекори, понатаму можат да оформат животен пат, кој ќе ве исполнува и радува вас, но истовремено и многу други.

Токму тоа ѝ успева на Татјана Богоевска со „Керакамика“, односно од неодамна и со профилот за кермички потсетикони @cramic_reminderings; Оваа љубов, ја дели и множи со својот сопруг и син. А кога уметноста ви се испреплетува со животот и начинот на живеење, успехот е неминовен.

фото: Керакамика

„Откако знам за себе правам нешто креативно со рацете. Првин со кал, потоа со глинамол, па со керамика, a во последно време навлегувам и во светот на порцеланот. :)  Магија ми е процесот на создавање од глина...земја...ѕвездена прашина. : ) Кога бев мала, многу често се затворав во свој креативен свет каде сè беше можно. Тоа беше мојот начин да создадам идеална средина за внатрешен мир и раст. Денес го практикуваме  истото и со нашиот син, па креираме сите заедно : ) . Во основно училиште, се сеќавам дека правев глинени мали фигурки за среќа - најчесто слончиња кои ги подарував на другарките. Секогаш кога правев писмена или имав тежок период, во рака си држев глинено фигурче кое ме приземјуваше...како да ми велеше: „Сè ќе биде во ред”, “И ова ќе помине”... и навистина беше така .. добивав само петки : )). Една другарка тој период ми се пожали дека слончето ѝ се стопило додека го држела на час целата стресена со испотени дланки... Секако веднаш ѝ направив ново глинено фигурче за среќа, кое повторно немав каде да го испечам, па на крај го снајде истото :). На факултетот за ликовни уметности ми се отворија нови видици, но продолжив да ги правам и малите глинени фигурки и да ги подарувам на драги луѓе... Еден од тие драги луѓе е и мојот, сега, сопруг со кој заеднички ја градиме приказната за КЕРАКАМИКА “, го започнавме разговорот со Тања.

фото: Тодоровска Ема

„Керакамика“ е керамика на „јазикот“ на нивниот син како помал, па оттаму и интересниот назив. Тие создадоа уникатен простор кој вклучува работилници и кафуле, за најмалите па сè до највозрасните. Место каде што можете да се релаксирате, да творите, да се развивате, да учите нови работи или едноставно да уживате.

„„Керакамика Кафе“ започна со работилници уште од самиот старт, всушност тоа и ни беше целта, да направиме посебно катче каде сите креативци би можеле да дојдат и да си поминат квалитетно време креирајќи и дружејќи се со своите најблиски, во опуштена атмосфера пиејќи си кафенце/сокче... На почетокот имавме само работилници за глазирање кои претежно беа наменети за деца, но и за дружење на родителите со нивните деца, креирајќи нешто заедничко и зацврстувајќи ја меѓусебната врска и доверба.. Неретко доаѓаа и парови кои си прославуваа убави моменти(годишнини, родендени и сл) правејќи си подароци еден за друг, како и групи девојки кои пиењето кафе/муабет го зачинуваа со креативност и си правеа најчесто персонализирани чаши за убави следни кафе-дружби. Имавме и доста креативни роденденски прославувања каде сите дечиња си добиваа подарок кој сами си го изработиле за време на роденденот како убав спомен од прославата. Нудиме и ваучери за посета на некоја од работилниците-идеален подарок за креативна личност за која немате идеја што да и подарите(бидејки сè си прави сама :) ).

фото: Тодоровска Ема

А нас нè интересираше и дали постои соработка и со образовните институции во градов, со оглед на сите аспекти кои ги нуди ваква активност, посебно за деца:

„Работилниците најчесто се одржуваат во нашето студио, но неретко држиме работилници и презентации низ училиштата во Скопје, најчесто по иницијатива на исклучителни и креативни наставници или родители“, ни откри уметницата.

Но, неодамна на Инстаграм ни го привлече вниманието профилот @ceramic_reminderings, и сакајќи да им го добилижиме на нашите читатели, дознавме дека и зад овие интересни мали фигури, стои истата „екипа“ од „Керакамика“. За тоа, од каде потребата за два посебни профили, Тања ќе рече:

фото: Димо Попчев

„На профилот на инстаграм @kerakamika може да се долови сè што се случува во студиото;  на работилниците; во процесот на изработка на керамика; некој “направи сам”проект  и понекогаш може да ѕирнете во нашето секојдневие. Сето тоа е средено и поделено во 3 колумни: работилници, керамички производи и секојдневие...засега сме многу задоволни како функционира на овој начин.

За разлика од него профилот @ceramic_reminderings е професионален и исклучиво за керамичките фигурички #потсетикони кои ги изработувам, фотографирани од различни автори..најчесто во заедничка соработка со мојата драга пријателка Ема Тодоровска со која се поврзавме благодарение на нив... Сигурно досега сфативте дека овие мали суштества имаат поврзувачка моќ:))))“.

фото: Ема Тодоровска

Со оглед на тоа дека досега не сме имале можност да се сретнеме со „потсетикони“, бевме мошне љубопитни да откриеме за што всушност се работи и како така мали фигури имаат голема моќ.

„Потсетиконите настанаа како продолжение на делото “Емотикони” каде се обидов да ги материјализирам емоциите кои ги користиме на социјалните мрежи и да ги претставам како молекули на среќа поставувајќи го прашањето дали успеваме да ја пренесеме емоцијата со помош на тастатура или создаваме во нас самите еден посебен емоционален свет на доживување при примање на пишана порака. По ова дело, со уметничката група каде членувам ”МОМИ” си дадовме предизвик да водиме дневник со слободно изразување и потоа да си ги размениме дневниците и врз база на тој материјал да направиме дела.

фото: Керакамика

Природно ми се наметна идејата да водам дневник така што секојдневно правев по една минијатурна фигурка од глина која го сублимираше нештото кое “ми го направило денот”: ). По изложбата сите потсетикончиња си најдоа домче, интересот за нив беше голем а и периодот беше погоден- пред Нова Година, сите си купуваа за себе или изненадуваа драги личности на кои им треба ваков “потсетник” во животот. 

И така се родија потсетиконите, кои за мене се материјализирани емоции, чија што цел им е да пренесат убаво чувство и да нè потсетат да останеме во контакт со нашата суштина; нашето внатрешно јас; нашата душа. Овие поднасмеани суштества се во форма на накит (ланчиња, брошеви, обетки) или декоративни фигурички-скулптурки кои може да се стават на видно место за да си ја вршат мисијата : ).
Ги правам со истото уживање како кога бев дете. Неретко се “фаќам” несвесно насмеана кога ги работам...времето како да застанува, не постои ништо освен сегашниот миг и креацијата...бесценето чувство за кое сум многу благодарна“, искрена е Тања.

фото: Керакамика

Без разлика дали се работи за мал предмет, како овие потсетикончиња или пак поголеми, процесот на изработка е ист и исто долг. Нè интересираше ли и дали е вистина дека керамичките производи најлесно се кршат, а еве што вели нашата соговорничка:

„Процесот на изработка е долг исто како и за поголемите предмети или употребни садови кои ги правиме бидејќи опфаќа две до три  печења(во зависност дали имаат златни детали), сушење, моделирање, глазирање...во просек 1 месец додека да го видат светлото на денот.  Но, секоја секунда вреди бидејќи добивате уникатен производ “со душа” кој е траен, дури може да се остави во наследство а издржува стотици години доколку соодветно се чува и цени“.

фото: Керакамика


Низ разговорот се наметна и прашањето за придобивките од оваа техника, релацијата уметност и психолошко здравје, но и како оваа традиционална уметност, опстојува во современото време.
 
„Оваа  традиционална уметност според нас е безвременска, без разлика што го живееме и сведочиме технолошки најбрзорастечкиот период во човековата егзистенција. Оттука, потребата да се биде постојано опкружен со иновативни и современи предмети околу себе прави да човекот можеби и по малку ја губи врската со природата, со оној искрен пристап спрема животот кој претставува вистинска храна за душата. Затоа, сè почесто и се поголем број на луѓе ја препознаваат вистинската вредност и убавина на оваа уметност, на природните материјали, на возбудата да се создаде еколошки производ кој има трајна и поинаква вредност од фабрикуваните производи. Нас ни претставува огромно задоволство што имаме можност, желба и силна волја да истраеме и да продолжиме да содаваме уметност од керамика во вакви времиња, поискрено го  доживуваме духот на времето, и сè повеќе се обидуваме да не му робуваме на конзумеризмот. За  возврат секогаш добиваме безброј насмевки и пофалби и благодарности од драги луѓе, клиенти и стари и млади, па ако може накратко да се опише чувството од дружењето со оваа работа би рекле: “To good to be true” (или предобро за да биде вистинито :) )“

фото: Тодоровска Ема

фото: Тодоровска Ема

фото:Керакамика

фото: Керакамика

фото: Тодоровска Ема

фото:Керакамика

фото: Керакамика

фото: Тодоровска Ема

фото: Керакамика

фото: Тодоровска Ема

Објавено:
20 април 2020
Категорија: 
Портфолио
Прочитано:
848 пати