Куршумли Ан вчеравечер, на отворањето на Skopje Design Week, беше исполнет со љубителите на уметноста и дизајнот. Во програмата беа најавени голем број изложувачи, но и бројот на посетители беше за почит.
Исполнет со креативност и џез звуци што се распространуваат насекаде, Куршумли Ан вчера беше место што им измами насмевка на посетителите.
Од облека, преку накит, дизајн на ентериер, архитектура, до слободна уметност, имаше за секого по нешто.
Меѓу изложувачите беше и дизајнерката Лидија Георгиева, која се претстави со нешто, како што вели таа, сосема ново и невидено досега. Се работи за линија на керамика. Се она што беше изложено од нејзината работа, носи наслов „Диво и питомо“.
-Тоа е инспирацијата. Од една страна рачна изработка, од друга индустриска, ретро и футуризам, а се ова што е овде изработено ги обединува, затоа и називот е токму тој. Досега кај нас во Македонија не се случило еден дизајнер да покрене линија на керамика. Направена е во соработка со професорката Емилија од Технолошко-металуршки факултет од Скопје, каде што и самата предавам од неодамна. Комплетно македонски производ, а дизајнот е мој. Има модели што се во комбинација со плекси-глас, има што се печатени, а има и модели што се во комбинација со инокс, што е мошне радикална постапка во доменот на дизајнот - објасни Лидија.
Покрај керамичката линија, посетителите можеа да видат и параван, ѕидни декоарации како и модели на ракавици, кои се традиција во нејзиното работење, изработката е рачна, а особено добар одѕив имаат кај купувачите во Јапонија.
Уште еден од ексклузивитетите беше и една од најпознатите дизајнерски столици во светот, мошне експлоатирана, преведувана и костумизирана од многу дизајнери, но сега „облечена“ во рачен дизајн на Лидија.
-Најчесто може да се види во некоја интензивна боја или пачворк, но на ваков начин досега никој не ја изработил, со рачна изработка, која ми е, меѓу другото, една од главните активности. Тоа е комбинација на хипи и рачна изработка. Не сакав да наликува на милје, туку повеќе на хипи, иако се работи со веќе добро познати кодови - милје, тантела, хипи периодот.
Во изложбениот простор беше претставена и колекцијата на машки маички, кои притоа се и уникатни и по дизајн и по принт. За линијата керамика, како и за детската линија, постои и фотосесија, во која како модел се појавува уметникот Велимир Жерновски, а фотограф е Жарко Чолиќ.
-Целта на сето ова што го подготвив е да покажам дека не сум само дизајнер на облека, туку и дизајнер и во други области и комплетна смисла на зборот. Да покажам еден дизајнерски универзум, а не само еден производ - облека, што за мене е поинтересно како постапка а и предизвикот е огромен. Процесот беше долготраен, зависи од многу етапи и е покомплициран од создавањето облека. Сите парчиња поминале низ моја рака, токму затоа и пишува дека се е рачна изработка - изјави дизајнерката.
Покрај македонските изложувачи, имаше и гости од странство, студенти од Балканот, како и брендови од соседството.
Меѓу нив беше и белградскиот шоп „Упа друпа“.
- Минатата година бевме првпат, а еве не и втора година, што значи дека е добро. Атмосферата е одлична, а исто така и организацијата и убаво е во Скопје. „Упа друпа“ има модели за една модерна жена, облечена лежерно, а сепак секогаш модерна, во тренд, дотерана и притоа да се чувствува удобно. Ние сме задоволни од тоа како Скопјанките реагираат на нашата облека, која е дизајнерски шоп, а во моментов има големо снижување - изјави Тања Алексиќ од брендот „Упа друпа“.
На вчерашното отворање на Неделата на дизајнот, беа пристуни и Александра Митковска, Ивана Кнез, Преплет, Hard to explain, Mika, ACID Wear...
-Асиметрични модели, поразлични работи. Кој сака да види дизајнерски парчиња кои се надвор од стереотипите, нешто поинакво, а сепак убаво и креативно, може да не најде тука. Ние сме првпат на Неделата на дизајнот, атмосферата е убава, бидејќи и енергијата и самото место го овозможуваат тоа - вели Сандра од ACID Wear.
Неделата на дизајнот трае до 6-ти октомври, па кој не стаса на отворањето, може да ужива и креативно да се надоградува во наредните пет дена, во чии рамки ќе има и голем број работилници.