Сите сетила остануваат будни во „Четврта смена“ на четвртиот SDW

24 септември 2014

Од вчеравечер па до 28-ми септември, целата креативна енергија на Скопје ќе биде сконцентрирана во автентичниот амбиент на Куршумли Ан, каде по четврти пат се одржува Неделата на дизајнот (Skopje Design Week) чија основна амбиција е соединување на различните креативни сфери со корпоративниот сектор, но и непосредно запознавање на пошироката публика со иновативните дизајни дефинирани на различен начин.

Годинешново издание симболично насловено „Четврта смена“ ќе ги разбуди сите сетила на љубителите на уметноста и дизајнот во сите нивни форми: со одлична музичка позадина, преку креативни работилници, изложби, презентации, дизајнерски аутлети, уникатно изработени накит и облека, декоративни елементи за облагородување на домот, до фантастичен инвентивен индустриски дизајн.

Амбиентот од вчерашното отворање на настанот кое музички го поддржа енергичниот српски бенд Muse Trap, собра урбана публика жедна за суштинска уметност и ветува одлично дружење и следните пет дена и размена на креативни искуства пред се’ благодарение на интерактивните работилници и дискусии предвидени во програмата која како една од основните агенди го посочува формирањето на Балканска дизајнерска мрежа, иницирана од македонската организација „Јавна соба“, Хрватската асоцијација на дизајнери од Загреб и најетаблираната дизајн-платформа во регионот „Миксер“ од Белград.

На самиот влез на Куршумли Ан добредојде ќе ви посакаат неколку млади македонски модни дизајнери, кои секој на свој специфичен начин, преку автентичните дизајнерски ракотворби непосредно ја запознава љубопитната публика со нивниот уметнички идентитет . Меѓу нив, ќе имате можност да одблиску да се запознаете со дизајнерскиот профил на LUDUS, Јована Филиповиќ, урбаниот накит на Капка,  уникатните ракотворби на Јасмина Главинче, декоративните елементи на Munus, автентичниот дизајн на модните додатоци на „Гоблен“, шарените плетенини на Билјана Маџар, еклектичната облека на Acid Wear како и уште неколку други млади креативци.

 

„Сите аксесоари кои ги изложувам овде се рачно изработени. Најчесто во нивното креирање  се инспирирам од ренесансната уметност, па така често кај деталите на чантите и чевлите ќе забележите познати женски ликови од тој период. Чантите во најголем дел се во форма –плико, но наскоро подготвувам и нешто ново со поинаков дизајн“, вели Евгенија од „Гоблен“ која ја поддржува идејата на SDW да ги соедини креативните умови во различни дизајнерски сфери пред бизнис секторот, но и пред интернационалната публика.

Внатре во Куршумли Ан се чувствува фузијата од  урбана музика, задоволна публика, креативна експлозија од идеи материјализирани во различни уметнички инсталации и поставки и секако рационалната размена на позитивни искуства кои ја исполнуваат мисијата на манифестацијата за надоградување и мултиплисирање на современото креативно творештво.

Меѓу изложувачите беше и дизајнерката на ентериер Катерина Трпковска, која вниманието на посетителите го привлече со уникатни ламби.

-Првпат се претставувам на SКDW и тоа со нешто сосема ново и за мене, што го започнав пред неколку месеци. Се занимавав со внатрешен уредување, но ова е многу поинтересно, барем за мене.  Се работи за ламби и лустери изработени од природни материјали – дрво, телешка кожа... – објаснува Трпковска.

Таа додава дека за сега е задоволна од тоа како луѓето реагираат на нејзините парчиња и дизајн.

-Иако сме на самиот почеток, одзивот е одличен и постои голем интерес. Луѓето коментираат дека птретходно не се сретнале со вакво нешто, па веќе имам нарачки и да продадам нешто, така што мошне сум задоволна – вели Катерина.

 

 

Програмата која покрај репрезентативниот, има и едукативен и социјален карактер, детално може да ја разгледате на следниов линк, што секако ќе ви помогне да ја прецизирате и вашата агенда за задолжителната посета на манифестацијата.

Објавено:
24 септември 2014
Категорија: 
Актуел