Да го започнеме денот со позитивни вести. На социјалните мрежи налетавме на видео кое нè воодушеви и го споделуваме со вас.
Воедно, овие речиси три минути, колку што трае, само ни потврдија дека Азијатите се навистина посебни луѓе.
Имено, франшизата „Got Talent“ е распространета низ 70 земји, но овој пат приказната доаѓа од Кина. На нивната верзија од шоуто, пред неколку месеци се појави двојка, која со својот перформанс и љубовна приказна ги остави сите без текст.
Веи (49) и Ву (39) се балетани-акробати и на сцената прикажаа токму таква точка. Во еден момент Ву стои на главата на Веи и прсти и ви го одзема здивот.
Овој елегантен, а сепак моќен и возбудлив перформас, им овозможи директен пласман во финалето.
По изведбата, тие ја раскажаа својата приказна. Одбирајќи ја музиката од филмот „"The Greatest Showman" и песната „Never Enough“, сакаат на јавноста да им ја прикажат нивната љубов кон уметноста, танцот, нивните желби.
Она што ќе забележите е неверојатната синхронизација меѓу нив, совршениот баланс. Со оглед на тоа дека добар дел од изведбата Ву стои на рамениците на сопругот на прсти, една од членките од жирито праша дали го болат рамениците, на што доби одговор:
„После толку многу пати, секако дека боли. Обично користиме заштита, а нашата кожа има сини и црни модрици, затоа што таа мора да направи „спин“ на моите раменици и секој таков чекор ја оштетува мојата кожа. Но, јас чувствувам дека фактот дека можам да го направам тоа е моја гордост“, вели Веи.
„Со секој чекор, врвовите на моите прсти удираа сè подлабоко и подлабоко во неговите раменици, моите чевли се во крв, а неговите раменици се во болка. Кога го направивме прв пат, дел од неговата кожа ја немаше. Шест месеци секојдневно го правевме ова додека не научивме 50 проценти од чекорот“, вели Ву и додава:
„Постојат луѓе кои сметаат дека овој начин на изведба е срамен за традиционалниот балет. Но, јас се надевам дека ќе можам да настапувам, сè до моментот кога нема да можам повеќе да танцувам“
„Сè додека сакаш да танцуваш, моите раменици ќе ти бидат сцена“, беше изјавата на нејзиниот сопруг која ги освои гледачите ширум светот.
На сцената се појави и нивниот петгодишен син, кој додека ги гледал, стравувал дека мајка му ќе падне врз главата на татмо му. Но, не се плашеше да ги покаже своите вештини кога е балансот во прашање.
Нивната семејна приказна и љубов со која зрачат го освои и жирито, но и публиката ширум светот. Без разлика дали го разбирате јазикот или не, емоцијата ќе ве допре, ќе пуштите солза.
Оваа нивна приказна не е само за уметноста. Таа е потсетување дека кога имате некој во животот на кого безусловно му верувате, кој ве сака и го сакате и ја имате потребната поддршка, соништата и желбите не се нешто невозможно. Тие се реалност - заедничка реалност.
Погледнете и уживајте: