Фотографиите на @martina_in_wondergram нè носат во светот на чудата

6 септември 2022

Секому е потребно повремено бегство од реалноста, и секој човек негува свој уникатен начин на кој го прави тоа.

За многумина, дел од начините вклучуваат медитација, музика, создавање ликовна уметност, добар филм или серија, или пак книга чии страници се градат нови имагинарни светови. За други пак, бегството од секојдневието го наоѓаат во патувањето, планинарењето, пливањето, спортувањето...

Но како еден од омилените начини на создавање своја реалност во која ужива и креаторот и набљудувачот би ја издвоиле и фотографијата, а токму таква моќ препознаваме во делата на Мартина Салова Чешновар, која за локалната Инстаграм фотографска заедница е најпозната како @martina_in_wondergram.

По струка, Мартина е дипломиран инженер-биотехнолог кој работи како преведувач на книжевни дела и судски документи, а во текот на своето образование, таа се докажува и како автор и коавтор на неколку академски трудови и статии. По своето дипломирање, неколку години работи како преведувач од англиски на македонски јазик за бројни значајни издавачки куќи во Македонија.

Сепак, широкото поле на интереси на Мартина не се задржува само на литературата и науката, туку се протега и сè до фотографијата, сликарството, уметноста и занаетчиството и музиката.

Од моментот кога ја открива фотографијата како медиум за уметничко изразување, Мартина започнува аматерски да се занимава со фотографирање на природа и пејзажи, а веќе од 2018 година таа стапнува во полето на портретите и оттогаш човечката фигура доминира во нејзината фотографија.

Нејзиниот Инстаграм профил е своевиден портал во бујната фантазија на Мартина и нејзината креативност и имагинативност при креирање на уникатните бајковити портрети несомнено имаат моќ да го пренесат набљудувачот во нејзиниот „свет на чуда".

Погледнете и самите.

Објавено:
6 септември 2022
Категорија: 
Култура
Прочитано:
742 пати