Летните фестивали на отворено се најактуелната сезонска атракција на туристичките мапи. Гластонбери важи за еден од најмасовно посетените мултимедијални фестивали кој во својата петдневна програма спојува различни уметнички аспекти: музика, улична мода, театар, улична уметност.... Традиционално и оваа година се одржува во близина на селото Пилтон во Англија, од 25-ти до 29-ти јуни.
Покрај тоа што во својата возбудлива музичка програма секогаш забележува звучни музички имиња, меѓу кои оваа година се и: Блонди, Доли Партон, Лили Ален, Металика, Лана Дел Реј, Масив Атак и уште многу други, фестивалот исто така е препознатлив по неверојатно инвентивната улична мода помеѓу публиката, која исто така вклучува познати манекенки, актери, музичари, уметници...
Во очекување на годинешнава богата разгледница од улични стилови, правиме ретроспектива на највпечатливите изданија од изминатите години на фестивалот кој за прв пат се одржал во 1970-та година.