РЕЦЕНЗИЈА

„Halftime“: Инспиративен портрет на една мулти-димензионална ѕвезда

24 јуни 2022

Постои одреден ризик кој доаѓа со снимањето на документарен филм за популарна филмска или музичка ѕвезда, особено кога идејата е да прикаже тешкиот и трнлив пат по кој ѕвездата е принудена да се движи додека не се пробие до целта по која копнее.

Документарниот филм за мегапопуларната пејачка Џенифер Лопез, во режија на Аманда Мишели, што беше премиерно прикажан на Netflix на 14 јуни годинава, очекувано, генерираше голема гледаност уште во првата недела. Насловот на филмот , алудирајќи на нејзиниот импресивен настап за време на поулвремето на Super Bowl од 2020, несомнено дополнително го помогна тој процес.

„Halftime" | Фото: Netflix

Со овој филм, Џенифер Лопез се придружува на листа на познати поп-ѕвезди, како Тејлор Свифт, Бијонсе, Били Ајлиш, Лејди Гага и Џенет Џексон, кои дозволуваат да се ѕирне во дел од нивниот приватен живот и неудобните страни на патот кон славата.

Овој документарен жанр најчесто има за цел да го доближи карактерот на популарната личност до обичната публика, да разбуди нови симпатии; да открие нова, поинаква, дотогаш невидена страна од личноста и нејзинот живот зад сцената; да изгради еден вид мост помеѓу гледачот и ѕвездата од другата страна славата.

„Halftime" има за цел да понуди интимен поглед кон она што се случува зад блескавата сцена, откривајќи ја цврстината и решителноста што ја прават Џенифер Лопез иконата што е.

Започнувајќи со нејзиниот 50-ти роденден во 2019 година, филмот го води гледачот напред-назад низ децениската кариера на ѕвездата, од самите почетоци како танчерка, низ нејзините подвизи како актерка и продирањето во музичката индустрија како пејачка, па сè до нејзиниот настап на Super Bowl во 2020 и неодамнешната инаугурација на претстедателот Џо Бајден.

„Halftime" | Фото: CNN

За секоја сцена која ја слави упорноста, креативната брилијантност и културниот придонес на Џеј Ло како меѓународна суперѕвезда која со децении претставува инспирација за луѓе од различни генерации, филмот отвора и прозорец кон другата страна на оваа сјајна приказна, преку изјавите на пејачката која отворено зборува за своите несигурности и стравови.

Џеј Ло го користи овој филм како уште еден глас да проговори за сите непријатности и неправедности низ кои била принудена да продира од самиот почеток на својата карера па до денес, како резултат на начинот на кој била претставена во таблоидите; начинот на кој нејзината глума била критикувана и исмејувана во медиумите и покрај нејзиното успешно деби во „Selena" (1997); вечните критики, но и сексуализација на нејзиното тело, како и преголемиот фокус на нејзиниот физички изглед, наспроти музичките квалитети.

Документарецот го опфаќа и процесот на снимање на филмот „Hustlers", во продукција на Лопез, каде што исто така се појавува и во улога на егзотична танчерка. Во одреден момент, Џеј Ло ја искажува својата фрустрација поради фактот што покрај 40 снимени филмови, требало да се случи „Hustlers" за таа повторно да биде сфатена сериозно како актерка. Филмот ѝ донесе номинација за Златен глобус и можност за номинација за Оскар, но кога тоа нема да се случи, Џеј Ло не ја крие својата разочараност.

„Halftime" | Фото: buro247/hr

Голем дел од „Halftime" се фокусира и на желбата на Џеј Ло да биде глас за латино жените во САД, говорејќи за пречките со кои тие секојдневно се соочуваат, наедно откривајќи и како политичката ситуација во времето на поранешниот претседател Доналд Трамп влијаела врз нејзината личност и креативност. Дополнително незадоволство ѝ приредува фактот што врмето кое ѝ е одредено за настап на Super Bowl е принудена да го дели со уште една мегапопуларна пејачка, Шакира, критикувајќи го овој потег како „најлошата идеја во светот".

Па земајќи го сето ова педвид, „Halftime" навистина чекори по тенок мраз кога станува збор за тоа колку добро ја постигнува целта што ја има.

„Halftime" | Фото: Variety
Режисерката Аманда зема преголем залак и начнува голем број теми кои не успева да ги обработи до крај, а како резултат на тоа, фокусот на гледачот е лесно да се изгуби. Дополнителен пропуст е еднодимензионалното претставување на Џенифер Лопез. Покрај интервјуата со пејачката, „Halftime“ претставува и интервјуа со нејзината најблиска фамилија и најблизок круг на пријатели, па така, освен постојано возвишување на личноста на Џеј Ло, гледачот не успева да слушне ништо друго.

Сепак, публиката е поделена на оние кои сметаат дека „Halftime" не успева да ја претстави Џенифер Лопез во нејзиното најчовечко издание со кое може секој да се поврзе, додека пак други воопшто и не сметаат дека идејата на филмот е токму тоа. Можеби фактот што филмот толку се фокусира да ја прикаже Џеј Ло како икона која постојано се бори за успех треба да претставува едноставно инспирација.

Документарецот не е ремек дело и никогаш не успева да загризе доволно длабоко, но е безмалку искрен, забавен и инспиративен портрет на една мулти-димензионална ѕвезда.

Објавено:
24 јуни 2022
Категорија: 
Култура
Прочитано:
197 пати