Инструменталистките на Македонска филхармонија во ново модно сценско руво

1 октомври 2014

Во пресрет на утрешниот концерт со изведбата на „Прелудиум“, Македонската филхармонија официјално ќе ја почне новата богата концертна сезона 2014/15 година, која воедно го слави и 70 годишниот јубилеј од постоењето на најстарата музичка институција во земјата. По тој повод освен информациите поврзани со сите претстојни концерти, гостувања надвор од границите, настапите на врвните музички гости од странство, на денешната прес- конференција директорката Маја Чанаќевиќ пред медиумите имаше да соопшти низа новини поврзани со активностите што им претстојат.

 

Покрај солистот на виолончело од Германија, Даниел Милер –Шот, диригентот Борјан Цанев и дизајнерката Тања Кокев имаше прилика јавно да ја соопшти новата соработка со дамите на Македонската филхармонија. Воедно, станува збор за  изработка на специјални сценски тоалети кои од утре како и во иднина инструменталистките ќе ги носат на сите настапи. Во врска за професионалната соработка на филхармонијата со македонски дизајнер, директорката Чанаќевиќ вели дека понежните половини од оркестарот на сцена ќе бидат во едно поинакво модно светло за разлика од досега, но во препознатливата елеганција и црна боја што ја бара сцената.

-Подолго време се подготвуваме да направиме соработка за сценската облека на дамите од оркестарот. Облека која ќе се надополни на музиката и сцената, а секако со истата ќе биде и препознатлив оркестарот на Македонската филхармонија. Благодарни сме на дизајнерката Тања Кокев што безрезервно се посвети и изработи специјални фустани, изјави директорката.

На тоа се надоврза и Тања која за нејзината соработка со дамите на оркестарот објаснува дека било посебно задоволство, пред се поради тоа што е редовен посетител на концертите за кои вели дека во новото сценско руво доживувањата  ќе бидат комплетни како аудио така и визуелно.

- Честа е моја што дамите на Македонската филхармонија ќе ги носат фустаните со потписот на Кокев. Почитувајќи ги основните правила и норми останавме верни на класиката и доследни на црната боја и секако на француската тантела, меѓутоа целото тоа го разигравме на интересен и модерен начин. На пример самите здолништа не се повеќе толку формални, туку се опуштени во границите на дозволеното. Едноставно кажано направивме тоалети од кои не ги вклучивме ракавите за да се постигне контраст помеѓу црната боја и самата кожа од телото. Публиката е онаа што го има последниот збор за истото, а се надевам дека и таа ќе биде задоволна од крајниот резултат, кажа Тања Кокев.

Веќе од утре инструменталистките на филхармонијата ќе можете да ги видите во поинакво модно сценско светло, а покрај доживувањето на креациите од сцена, за истите е изработена и фотосесија со фотографот Дарко Мораитов.

Инаку, ова е прва соработка на Македонската филхармонија и македонски дизајнер, откако пред 10-тина години се направени првите обиди за слична соработка за специјален дизајнерски сценски изглед.

 

Објавено:
1 октомври 2014
Категорија: 
Култура