Intermedia Day – таму каде технологијата ја пресретнува уметноста

9 октомври 2014

Овој петок, на 10. октомври, во Младинскиот културен центар во Скопје, ќе се одржи несекојдневен настан, кој ќе ги обедини уметничките изрази кои ја одбележуваат ерата во која живееме. Напливот на технологијата во секојдневното живеење, донесе и нови платформи и медиуми за изразување на креативната инспирација на уметниците. Манифестацијата Intermedia Day ќе престави дузина уметнички форми, кои ги допираат, (и на моменти надминуваат), границите на конвеционалните ликовни и музички уметности.

Богатата програма предвидува: изложба, работилница, инсталација, мултимедијални перформанси, па дури и ревија на сајбер-мода. Формалниот дел ќе биде заокружен со ултимативно клабинг доживување – настапи на врвни диџејски имиња. На фестивалот учествуваат млади, но веќе признати уметници од нашата земја и регионот (Словенија, Бугарија и Србија).

Intermedia Day ќе започне во 18 часот со работилница за продукција на електронска музика, во 20 часот е предвидено отварањето на изложбата „Светла и сенки“, а еден час потоа започнуваат аудио-визуелните перформанси.

Визуелниот идентитет на настанот го обликуваше младата графичка дизајнерка Марија Чолкова.

Intermedia Day се одржува на иницијатива на Скопје Вавилон – нова форма на активизам, која веќе две години обединува креативни умови и стимулира активности за одржување и унапредување на културниот живот на Скопје.

 

Учествуваат:

Марко Батиста (Словенија)
Иван Шопов (Бугарија)
Боб Милошевиќ (Србија)
Мелани Димитровска (Македонија)
Ивана Пирковска (Македонија)

DJ сетови на:

COOH [BG] (drum'n'bass)
Vallew [BG] (dubstep)
Ogie [MK] (eclectic)

Влезот за сите содржини е слободен.

Објавено:
9 октомври 2014
Категорија: 
Култура