Изложба Design is FUN: Четири страни на дизајнот

21 ноември 2014

Концептуалното кафуле Концепт 37, беше локацијата што вчеравечер пулсираше во ритамот на креативните идеи создадени од архитектурата. Идејата за изложбата „Design is FUN“ произлезе од долгогодишното пријателство на четирите млади архитектки Елена Мартиновска, Ема Николова, Андријана Тилиќ и Марија Павловска. Другарството на овие креативни девојки, трае уште од студентските денови и е исполнето со необични и инвентивни идеи кои произлегуваат од работата во различни области на архитектурата.

Архитектките  ги промовираа своите нови дизајни на мебел, светлосни инсталации, колажи и фотографии,  изведени од ентериерите кои ги изработиле. Изложените модели,  на вљубениците во дизајнот им понудија неограничени можности за декоративна игра со геометриски форми, разигран колорит, необичен дизајн, креативен и несекојдневен изглед на решенијата од уникатните конструкции...

Главната цел според ставот на девојките е да се подигне нивото на дизајнот во Македонија и да се промовира не само на домашни простори,  туку и на интернационално ниво преку интернет сајтови и социјални мрежи.

Андријана Тилиќ Андријана Тилиќ

Андријана Тилиќ освен со архитектура, професионално се занимава и со фотографија на архитектонски простори. Како професионалец во двете области има изразено чувство за контраст, сенка, форма, димензија, боја и композиција што ја издвојува од нејзините колешки. Нејзината специјалност во однос на дизајнот се: клуб – масите со плочи од фурнир, стакло и медијапан, декорирани со специфичени детали и ногари од инокс. Главниот инспиративен стимул за Андријана се новините во современата архитектура.

„ Мислам дека светот оди напред, особено на полето на архитектурата и на дизајнот и не гледам зошто ние во Македонија би заостанувале, иако тоа се случува во последно време. Сакаме да го подигнеме нивото на дизајнот во Македонија, да се охрабрат и други луѓе да почнат да прават нешто свое, бидејќи може да се успее доколку се има вистинска идеја“, ни кажа Тилиќ.

Елена Мартиновска Елена Мартиновска

Елена Мартиновска, чија специјалност се светлосните конструкции е основач на студиото за дизајн и  архитектура „Метатет“, кое постои од 2012-та година. При секојдневната работа од областа на архитектурата и на внатрешното уредување придава особено значење на осветлувањето. Нејзините ламби се изработени од плексиглас во две контрастни бои со нестандардни кабли кои се исто така во боја, за да се симболизира спротивноста на машкиот и женскиот пол.

„Креативно пред сè не спои факултетот, заедно студиравме и нашите кафе – муабети никогаш не беа на тема гардероба и шминка, туку секогаш зборувавме за ѕидови и маси, столици, ламби и слично. Оваа идеја тлееше во нас одамна и решивме да ја реализираме. Во моите проекти за ентериер секогаш давам најголем акцент на осветлувањето, тоа е мојата појдовна точка. Во принцип сакам да ги мешам стиловите и ги сакам контрастните, на пример ако сите елементи во просторот се модерни, задолжително ги комбинирам со барокна столица“ ни откри Елена.

Ема Николова Ема Николова

Ема Николова е третиот член на овој креативен квартет и е основач на студиото за архитектура и за дизајн „Сино Студио“. Нејзиниот мебел е изработен од боен метал, полно дрво и фурнир. Креативната фантазија ја потхранува со новините од областа на модерното, а е голем вљубеник и во сликарството.

„Секоја до нас си прави нешто свое и мислам дека се инспириравме од периодов кој понуди многу изложби, особено оние во склоп со Моден викенд Скопје (FWSK) и Неделата за дизајн (Design Week), па си рековме зошто да не изложиме и ние нешто од она што го имаме. Сакавме на еден креативен и непосреден начин да ги запознаеме луѓето со нашите дизајни“, вели за fashionel.mk, Николова.

Марија Павловска Марија Павловска

Марија Павловска од 2008 – ма година го гради препознатливиот бренд „Garden MP“ и е еден од најуникатните креатори на украси, подароци и честитки. Најчесто ја користи техниката квилинг, меѓутоа сака да комбинира и да истражува нови и различни техники на изразување на дизајнот. Често декорира и простории за разни свечености. Дизајнира и изработува и разновидни елементи за сценографии за рекламни кампањи и други потреби.

„Желбата да направиме нешто заеднички, резултираше со оваа изложба. За реализација на една ваква изложба не треба многу, целта е да дознаат луѓето за нас и да видат сите дека и во Македонија може да се создаде модерен и креативен дизајн. Најчесто работам со хамери од хартија и изработувам уникатни дизајни како честитки, слики, кутии за подароци, накит, се што може да се направи од хартија. Хартијата ми изгледа најлесна за работа, има избор на бои што мене ми е особено важно, бидејќи сум вљубеничка во колоритот и сакам нештата што ги изработувам да бидат богати со многу бои.

Во продолжение погледнете дел од синоќешната атмосфера и фотографиите од декоративните инсталации на дизајн кои се изложени во кафулето Концепт 37 и ќе можете да ги погледнете се до 27 - ми ноември:

 

Објавено:
21 ноември 2014
Категорија: 
Култура