„Кавервил“ со Драган Б. Костиќ: Да го вратиме радиото во нашите домови

29 април 2015

1078

Во присуство на медиуми, соработници, пријатели и семејството, Драган Б. Костиќ денеска го најави своето враќање на радио платформата.

Со големо радио во рацете, Костиќ влезе по најава на Бени Шаќири, а ние уште еднаш бевме сведоци на неговата љубов кон овој медиум и возбудата за она што следи, а е  насловено како „Кавервил“.

-Благодарам за почитта што ми ја оддадовте со вашето присуство и довербата – го започна своето обраќање Костиќ.

Споделувајќи одредени моменти од животот, Драган беше искрен и им призна на присутните дека му било потребно година дена емотивно да се среди по збогувањето со Македонското радио и емисиите кои долги години опстојуваа на оваа фреквенција.

1075

Токму оттаму е возбуден и за новиот проект наречен „Кавервил“.

-Се надевам дека сè уште постојат генерации кои имаат заинтересираност и доблест за она што  имам да го кажам. Кавер е верзија и основа на популарната музиката. Отсекогаш била основа на големите хитови. На тој начин песните ги премостувале границите. Со оглед на тоа дека Кавер односно Кавервил е странски збор, барав македонски со исто значење, или макар слично, бидејќи сум почитувач на македонскиот јазик и правопис, но сепак остана првичната идеја. Така, со оваа емисија сакам да придонесам кавер верзии да бидат распространети низ цела Македонија – изјави водителот.

Тој додаде дека отсекогаш работел сам и се надоградувал, но сега за првпат работи со луѓе, како што вели, што работат светски.

IMG_0692-da-se-namali---NAMALENA

-Пред пет месеци ја објавивме музичката енциклопедија „Заборави ако можеш 1981“ . Тогаш скромно го најавивме ова за што денеска сме тука. За некој ден ќе стартува емисија што има едукативен, забавен и информативен карактер. Благодарност особено за едукативноста на емисијата. Додека ги снимавме и подготвувавме емисиите, мојот 10-годишен син научи кои се „Битлси“, „Стоунси“... Вакви проекти треба да се поддржат. Исто така, сакам да истакнам дека ова е македонски проект во целост. Им благодариме на партнерските радија, што едногласно прифатија да ја поддржат и емитуваат емисијата, без разлика што можеби концепциски се разликува од нивната програма – изјави Дани од СТ продукција, која стои зад проектот.

Меѓу присутните беше и Александар Митевски, кој е задолжен за техничкиот дел. Тој потенцираше дека автентичноста на Драган ќе биде зачувана, со вклучени модерни елементи, џинглови и слично.

1077

Официјалниот старт на „Кавервил“ е на 4-ти мај. Ќе се емитува од понеделник до петок во prime time термини и со репризи.

-Сакам да потенцирам дека сите емисии се бесплатно доставени до сите радија низ државава. Сметам дека тоа што вреди – вреди, она што е важно е да се задоволи македонската публика. Се надеваме дека со ова, радиото повторно ќе биде дел од македонското секојдневие – вели Костиќ.

Во продолжение погледнете на кои фреквенции низ Македонија ќе можете да го слушате Кавервил.

Објавено:
29 април 2015
Категорија: 
Култура